Репрезентативецот во борење Могамедгаџи Нуров на олимпискиот турнир во Токио треба да настапи на 6 август во категоријата до 97 килограми. Нуров до поаѓањето за Токио се подготвува во Владивосток, Русија, со руската репрезентација.
„Еднаш дневно правиме полесни тренинзи и спаринг. Климата во Владивосток одговара на онаа во Токио (многу влажна), така што тука се аклиматизираме за тоа што не чека во Јапонија. Нуров тука тренира со руската репрезентација и тоа е многу добро, како што нагласуваат и од рускиот табор“, вели неговиот тренер и освојувач на бронзениот медал за Македонија од Олимписките игри 2000 година во Сиднеј Могамед Ибрагимов за Ипон.
Нуров имаше проверка на формата на два турнира – во Полска и Италија. Во Италија го освои првото место.
„Во Полска турнирот беше јак, а во Италија малку послаб. Но, сето тоа беше за да видиме до каде е неговата форма и да ги видиме грешките. Токму тоа и го постигнавме. Потоа работевме на нивно остранување“, истакнува Ибрагимов.
За рангирањето меѓу првите четири борачи во категоријата од страна на Обединетото светско борење популарниот Мага вели:
„Рангирањето на Нуров од ОСБ во првите четири е големо признание и многу значи за него. Нуров може да победи којбило, а Садулаев, Снајдер и Иранецот се изразити фаворити во неговата“.
Нуров освои олимписка норма со освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во Нурсултан, Казахстан, во 2019 година. За очекувањата и дали може Нуров да освои медал Ибрагимов конкретен:
„По мене, ќе и донесе медал на Македонија. И, најбитно е да верува во себе“.
ИЗВОР: IPON.MK