Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Продолжение (8).. МИЛОШ БУЦЕВСКИ – ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО….пишува: Проф.М.Бошковиќ
Продолжение (8).. МИЛОШ БУЦЕВСКИ – ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО….пишува: Проф.М.Бошковиќ
 Милош Буцевски стартува на 400 метри на Градскиот стадион во Скопје

Продолжение (8).. МИЛОШ БУЦЕВСКИ – ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО….пишува: Проф.М.Бошковиќ

Денес  продолжуваме со ново продолжение од историјата на атлетскиот клуб Вардар.  На ред е осмотто продолжение во кое еден легендарен атлетичар на црвено-црните Милош Буцевски. Професорот Мирослав Бошковиќ во своите пензионерски денови неуморно не води низ историјата на Вардар.

                Авторот: Пред извесно време, Милош Буцевски ги прими високото признание од Атлетската федерација на Македонија, наградата за животно дело. Тој е еден од најдобрите атлетичари во АК “Вардар” и воопшто во македонската атлетика. За само две години, колку што активно тренираше, постигна неколку рекорди и стана член на репрезентацијата на Југославија и освојувач на бронзен медал на Европскиот шампионат за постари младинци во Одеса. За него зборуваме во оваа статија. За своите почетоци во атлетиката зборува Милош Буцевски:

                Како ученик во Средното економско училиште во Скопје, бев најбрз меѓу своите другари. Победив на сите кросеви кои ги организираше училиштето. Потоа настапив на средношколскиот крос, на кој супериорно победив. Тогаш го свртив вниманието на својот наставник по физичко воспитување Душко Филиповски. Кога победив и на еден друг школски натпревар, веќе немаше сомневање. Бев упатен да се зачленам во АК “Вардар”. Освен Душко Филиповски, многу ми помагаше и Томе Илиевски, исто така наставник по физичко воспитување.

                Најпрво работев со Мемо Сулејманов, кој вложуваше големи напори да ми помогне на моите тернинзи. Во оваа средина бев најдобро примен. Се ми беше овозможено за нормално тренирање. Не се сеќавам точно за мојот прв вистински настап, но ми се чини дека тоа беше трката на 400 метри на еден атлетски двомеч меѓу Вардар и Работнички, одржан во 1965 година. Постигнав време 56 секунди, иако имав само еден тренинг. Сите во клубот беа мошне задоволни со мојот прв настап, па затоа почнав да тренирам со поголема волја. Тогаш во Скопје престојуваше бугарскиот тренер и репрезентативец на Бугарија, Ѓорѓи Нечев, и со него работев многу. Напорните тренинзи понекогаш ме принудуваа да се откажам од атлетиката.Но бев упорен и ги дочекав своите “5 минути” .

Милош Буцевски

Милош Буцевски

                Кон крајот на јуни 1966 година, на Градскиот стадион во Скопје бил одржан атлетскиот двомеч меѓу екипите на Вардар и репрезентацијата на бугарските градови Ќустендил и Станке Димитров. Во овој двомеч победил АК “Вардар” со резултат 86:70 . Најуспешен на овој натпревар бил спринтерот на Вардар, Милош Буцевски, кој победил на 100 м. со резултат 11,0 , пред својот клупски другар Михајлов со време 11,1 , а третото место го освоил Станчев (Ќустендил) со 11,2 . Најдобар резултат на овој натпревар постигнал Буцевски кој победил и на на 400 метри. Патеката ја претрчал за  50,2 . Втор во оваа дисциплина бил Павасовиќ (Вардар) со 52,0 секунди , а третото  место му припаднало на Бонев (Ќустендил) со време 55,8 сек.

                На државното поединечно првенство на Југославија за јуниори кое се одржало во Белград, на стадионот ЈНА, во 1965 година, Буцевски настапил на 400 метри. Првото место му припаднало на Данко (Сента) со 48,8 , кој поставил нов младински рекорд на Југославија. Титулата вице-шампион ја освоил Пуач (Славонија) со 48,9 . Милош Буцевски бил трет, израмнувајќи го македонскиот рекорд на Лазо Милишевски, со резултат 49,4 . Четвртото место го освоил Глушица (Сараево) со 49,8 .

Од лево кон десно: Пуач (Славонија), Данко (Сента), Буцевски (Вардар)

Од лево кон десно: Пуач (Славонија), Данко (Сента), Буцевски (Вардар)

                По овој голем успех, Милош Буцевски бил повикан од сојузниот тренер Крешимир Рачиќ, за настап во државната репрезентација на европскиот шампионат за постари младинци во Одеса.

                За овој успешен настап во Одеса, за сите детаљи во трката, Буцевски убаво се сеќава:

                Трката во штафетата 4х400 метри во Одеса ќе остане незаборавна за мене. Во финишот бевме одлични и заслужено го освоивме третото место. Она што најмногу ме радуваше беше оправдувањето на довербата што кон мене ја покажа сојузниот тренер Крешимир Рачиќ.

                Интересно е да се истакне деталот кој секако одеше во мојот прилог, а кој потврди дека во селекцијата со останатите тројца учесници во штафетната трка Данко, Пухач и Мушковиќ, постигнав и најдобро време.

                Како трет тркач во штафетата, претпоследен ја примив палката. Во трката, Мушковиќ патеката од 400 метри ја претрча за 49,5 секунди. Во втората измена Пухач постигна подобро време од својот претходник, односно 49,0 , и јас ја примив палката како трет тркач. Полетав, со сета сила со голема желба да придонесам за што подобар пласман на нашата штафета. Успехот не изостана: постигнав најдобро време од нашите претставници на оваа патека: 48,5 .

                Инаку на патеката водев голема борба со претставниците на Чехословачка, ДР Германија и на крајот СССР. Уште при примањето на штафетата во третата измена, успеав да ги минам атлетичарите на Чехословачка и ДР Германија, но вистинската драма започна во финишот на оваа измена кога го престигнав и претставникот на советската штафета. Во тој момент за противници ги имав младиот советски атлетичар, кој не сакаше да ја загуби предноста, и четириесетилјадната публика која го бодреше својот љубимец. Сепак, во самиот финиш го минав третиот член на советската штафета и така со предност му ја предадов палката на Данко, кој трчаше како четврти член на југословенската штафета.

 gg3

                Нема сомнение дека Буцевски беше најзаслужниот тркач што нашата штафета го освои третото место и бронзениот медал. Беше мошне задоволен што ова признание го доби и од тренерот Рачиќ кој покрај другото и зажалил што Буцевски не учествувал во трката на 400 метри каде реално имал шанса дури и да освои една од медалите.

                По враќањето од Одеса и големиот успех на ЕП, за Милош Буцевски биле заинтересирани белградските клубови “Црвена звезда” и  “Партизан”. Му нуделе примамливи услови да мине во нивните редови. Сепак, останал во Вардар, сметајќи дека сеуште не се одолжил на клубот во кој ги направил првите чекори во атлетиката.

 Милош Буцевски – победник во меморијалната трка на 400 м., 1966 г.

Милош Буцевски – победник во меморијалната трка на 400 м., 1966 г.

                Една недела по ЕП во Одеса, Буцевски учествувал на вториот меморијал “Лазо Милошевски”, што се одржуваше секоја година во знак на сеќавање на починатиот Лазо Милшевски, најдобриот македонски атлетичар и државен репрезентативец. Покрај атлетичарите  од АК “Вардар” и АК “Работнички”, на Меморијалот учествувале и атлетичарите од  АК “Берое” од Стара Загора, Бугарија. Младинскиот репрезентативец на Југославија на 400 метри и носител на бронзениот медал од европскиот шампионат за јуниори во Одеса, Буцевски настапил во меморијалната трка на 400 метри, ги декласира своите противници и на целта пристигнал  за цели дваесетина метри пред Бугаринот Димитров и членот на Работнички Благоев. Во трката постигнал одлично време од 49,6 со што го изедначи републичкиот рекорд на Лазо Милошевски. Со тоа Буцевски го освоил пехарот кој дотогаш му припаѓал на Миле Павасовиќ – победник на првиот Меморијал, одржан претходната година.

                Покрај оваа трка, Буцевски настапил и во трката на 100 метри, во која победил со време 11,2 сек., втор бил Димитров (Бугарија), со исто време 11,2 а третото место му прпаднало на Михајлов (Р), со 11,3 .Покрај тоа, Буцевски бил победник и во трката на 200 метри.  Со овие настапи, Буцевски бил прогласен за  најуспешен атлетичар на Меморијалот бидејќи најмногу придонел  за победата на екипата на Вардар и во штафетат 4х100 метри,  кога како молња ја претрчал својата делница и прв ја скинал врпцата на целта.

                На 16 октомври 1966 година, во Пловдив, Бугарија, Милош Буцевски настапил на атлетскиот натпревар на кој учествувале репрезентацијата на Македонија, потоа екипата на источноберлинските студенти – Хуберт и репрезентацијата на Пловдивскиот округ. Од сите наши претставници, Буцевски бил најуспешен атлетичар. Тој извојувал победа на 400 метри со резултат 49,2 секунди, а со тоа поставил нов македонски рекорд. Покрај тоа, Буцевски победил и на 200 метри со резултат 22,9, додека во трката на 100 метри, го освоил второто место.

                На 23 октомври 1966 година, Милош Буцевски настапил во составот на репрезентацијата на Македонија на Младинскиот куп на републиките во Осиек. Во својата најомилена дисциплина  400 метри, Буцевски го освоил 1 место со резултат 49,7 пред  Пуач (Хрватска) со 51,0 и Хранисављевиќ (Србија) со 55,0 . На 200 метри, Буцевски го освоил второто место со резултат 22,8.

                За несекојдневниот талент и леснотијата со која Милош Буцевски трчаше, сите атлетски стручњаци беа неподелени во тврдењето дека ваков атлетичар ретко се раѓа. Тој беше универзален, односно можеше да настапува не само во спринтерските дисциплини, туку и на средните патеки. Затоа и интересот на белградските клубови Партизан и Црвена Звезда бил голем да го ангажираат овој вонсериски атлетичар во своите редови.

 gg6

                На реванш средбата меѓу репрезентациите на Скопје – Пловдив која се одржала во Скопје, младиот Буцевски повторно ја израдувал скопската публика. Патеката од 100 метри ја истрчал за 10,9 сек. со што го израмнил македонскиот рекорд на Д. Михајлов – 10,9 сек. И на 400 метри , Буцевски трчал одлично и извојували втора победа. Штафетата на репрезентацијата на Скопје на 4х100 м. во состав: Д. Михајлов, Буцевски, Илиев и Благоев исто така поставила  нов македонски рекорд со време 43,6 сек.

                За условите во кои тренирал, во тогашниот македонски печат, Буцевски зборува:

                Најсреќен сум кога ќе се најдам на црвената патека, а уште повеќе кога прв ќе ја прекинам лентата на целта. Меѓутоа, како за секој спорт, така и за атлетиката покрај големата љубов потребни се и основните услови за живот – исхраната. Не може да се тренира постојано и да се постигнуваат добри резултати, а исхраната да биде слаба. Клубовите би требало повеќе да водат сметка за своите спортисти и по ова прашање. Да не бидам погрешно разбран: не сакам клубот да ми дава пари, туку да ми овозможи – со купончиња – барем еден оброк дневно во некој од самоуслужните ресторани.

                На атлетскиот двомеч на градските репрезентации на Скопје и Пловдив, кој се одржал во Скопје, Милош Буцевски успеал да постигне два нови македонски атлетски рекорди. На најкусата атлетска патека од 100 метри, забележал 10,9 секунди и со тоа за една десетинка го подобрил стариот републички рекорд. Вториот републички рекорд е постигнат во штафетата 4х100 метри. Д. Михајлов, Буцевски, Илиев и Благоев трчале многу добро и постигнале време од 43,6 секунди , со што бил подобрен стариот рекорд за 6 десетинки.

Сотир Гавриловски и Милош Буцевски (штафета 4х400)

Сотир Гавриловски и Милош Буцевски (штафета 4х400)

                Атлетичарот Милош Буцевски со своите многубројни успеси и освоениот бронзен медал на Европското младински првенство станал најдобар спортист на Републиката во 1966 година. По долги години, најласкавата титула – македонски спортист на годината дојде во Спортското друштво “Вардар”, поточно во АК “Вардар”. Младиот атлетичар на Вардар постигна такви резултати во 1966 година на кои секој треба да му се восхити. Само една година требаше да мине па до полн израз да дојде вонредниот  талент и големите можности на овој спринтер. За една година – од средношколски крос до победничкото постолје на европското младинско првенство. Со тоа, Буцевски е единствениот атлетичар од Вардар кој го добил ова високо признание. Подоцна, во 1973 и 1974 година, оваа титула и беше доделена и на атлетичарката Вера Вељановска од АК “Олимпиј” од Битола.

                По завршувањето на средното образование, Милош Буцевски продолжува со школувањето на Правниот факултет на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје.

                Во почетокот на 1967 година заминал на зимските подготовки во Крушево, во познатиот рекреативен центар “Шула Мина”. Овие повеќедневни висински подготовки требале да му помогнат во постигнувањето нови победи и рекорди. И натпреварувачката 1967 година за Буцевски почнала со победи. Се ределе многубројните републички и сојузни натпревари, атлетски митинзи, меѓународни натпревари и др. Во историјата на АК “Вардар” ќе остане запаметен како атлетичар кој и во 1967 година победил во меморијалната трка на 400 метри, Меморијал “Лазо Милошевски”.

                Голем проблем кој го оптеретувал во овој период, биле финансиските тешкотии. Напорните тренинзи барале поквалитетна исхрана која неговите родители не биле во состојба да му ја обезбедат. За да продолжи успешно да ги брани боите на клубот, Буцевски барал да му биде обезбеден еден оброк во текот на денот во некој од рестораните. И покрај ветувањата, тоа не се реализирало. Затота, во летниот период, престанал со трнинзите.

                                                               

        

           Терзиев Перо(лево), Милош Буцевски (во средина) и Васил Николовски

Терзиев Перо(лево), Милош Буцевски (во средина) и Васил Николовски

 

                Во 1969 година, Буцевски заминал на отслужување на воениот рок во Струмица. Од странана началникот за спорт при Скопската армиска област, му биле овозможени услови за тренинг и настап на армиското и сеармиското првенство на Југославија. Сеармиското првенство се одржало во Шабац. Настапил во следните дисциплини: 100, 200 и 400 метри. На 100 метри го освоил II место, на 200 метри бил III , додека најголем успех постигнал во својата најомилена дисциплина  400 метри, во која го освоил I место и станал сеармиски победник.

                      Милош Буцевски (бела маица) прв влегува во целта

Милош Буцевски (бела маица) прв влегува во целта

 

 Милош Буцевски стартува на 400 метри на Градскиот стадион во Скопје

Милош Буцевски стартува на 400 метри на Градскиот стадион во Скопје

Милош Буцевски, за две години, колку што професионално тренираше, успеа да постигне голем број победи а беше носител и на следните рекорди:

 

q44

                Од своето вработување, па се до пензионирањето во 2009 година, Буцевски работеше во претпријатието “Tутун”, кое беше меѓу најуспешните работни организации во Скопје и Македонија. Извршуваше одговорни функции, меѓу кои и функцијата директор за малопродажба. Како претставници на АК Вардар, секогаш љубезно не примаше, и беше спонзор на меморјалот “ЛазоМилошевски”, во периодот на 90-те години. Извесно време ја извршуваше функцијата претседател на Атлетскиот сојуз на Македонија.

ggg

АК “Вардар”. Од лево кон десно: Милош Буцевски, Карер Владимир, Николовски Васил,           Апостолски Љупчо, Гавриловски Сотир, Павасовиќ Милан и Николовски Владо.

Продолжува со… ПРОДОЛЖЕНИЕ (9): ….

Пишува: Професор Мирослав Бошковиќ