Викендов на кејот на реката Вардар кај мостот близнак по 11 пат се одржа полумаратонската трка “Трчаме кон целта“, во склоп на оваа трка се одржа и државното првенство во полумаратон. Победник на истата беше Србинот Кристијан Стошиќ. За нашиот црвено-црн атлетски колектив, АК Вардар настапија 4 атлетичари, нешто што одамна црвено-црниот колектив го немаше како своја одлика, така бројно да се тргне и стигне на целта на една трка. Нашите Петре Завировски и Марко Ивановски влегоа меѓу најдобрите 10, Василевски го подобри значајно своето време, а пак Мартиновски кој е навлезен во својата шеста деценија од животот покажа дека e легенда која трае и дека на вака одминати години има одлични перформанси. За точните постигнувања, односно времиња и позиции може да се информирате -тука. Вардар фанс како сајт кој постојано ги следи сите случувања во црвено-црното семејство ви носи изјава од нашите момци.
Дејан Василевски: Трчаме кон целта 2016 за мене требаше да биде тест трка пред главниот испит кој следува на 8 мај, Скопски Маратон 2016. Денешната полумаратонска трка беше одлична подготовка за таргет трката за која се подготвувам долго време. Со Трпе Мартиновски започнав со тренинзи пред само еден месец, а веќе имам сериозни подобрувања и во темпото на трчање, фитнес левел, издржливост итн. Досега на полумаратон имав забележано највисоки 2ч:02мин:15с. За денешната трка целта поставена од тренерот беше да истрчам под 2 часа, како резултат на посериозните подготовки и фокусот кој веќе го имам и кон цел маратон на 8мај. Лично поставив доста потешка цел од таа, сакајќи да го кренам нивото на самодоверба во последниот месец од подготовките кој преостанува, па си поставив таргет време од 1ч:50мин. Резултатот кој го постигнав навистина ме изненади (1ч:48мин), себенадминување, мој личен рекорд, подобрен за цели 14 минути. Ми претставува особена чест што зад подготовките на мојот прв маратон стои најголемата маратонска легенда во Македонија.
Марко Ивановски: Официјално сум 10-ти вкупно, 8-ми од македонците, со време 1:20;18 (иако јас си фатив 3 секунди побрзо), и ова ми е “Season Best“ имав проблеми со ложата, идев добро до 8-ми км, држев 3.40 темпо, ама морав до 10-ти км нагло да намалам темпо, дури и со каскање. После гледав само да завршам трка, не можев да запнам. Ќе одморам неколку дена, криво ми е што баш сеа овој викенд треба на Белградски да трчам.
Трпе Мартиновски иако веќе 51 годишен сеуште тренира активно. На скопскиот маратон ќе трча 42.195км. Најголемата атлетска легенда на Македонија ѓи тренира Ивановски, Завировски и Василевски. Се надеваме дека ќе создаде атлетичар кој барем ќе се доближи до неговите Врвни атлетски достигнувања.
Петре Завировски: Со мојот тренер Трпе Мартиновски поставивме одлична тактика. Бев одлично психофизичи подготвен за резултат под 1:17. Хируршки прецизно ја одработив тактиката до 16 километар. Пролазните времиња на 5км, 10км и 15 км беа за резултат под 1:17 како што беше планот. Но на 16 километар започнаа проблемите. Буквално се распаднав, се здробив. До моментот да удирање во тој маратонски ѕид воопшто немав некои поголеми потешкотии. Но едноставно се здробив потоа агонично се довлечкав до финишот. Резултатот драстично падна. Продолжуваме понатаму. Следни мои настапи се ДП на 10.000 метри и Скопски маратон.