Кугларскиот клуб Вардар кој постои во ваков формат од минатата сезона за свој кормилар го има искусниот македонски кугларски тренер Драги Димитровски. Тој успеа лани со така склопениот тим веќе во првата година од натпреварувањето во македонската кугларска лига, која лани броеше 10 екипи да го освои вице-шампионското место. Покрај тоа во куп натпреварувањето црвено-црните успеаа да го освојат трофејот што несомнено е голем успех за една година натпреварување во оваа конкуренција. Го запрашуваме Димитровски како е задоволен од напредокот на екипата од првиот ден до денес :
- Во однос на квалитетот на екипата, свесен бев дека тој е на високо ниво уште од самото формирање на клубот. Квалитетот на играчите како поединци е неоспорен , само беше потребно малку време да се изгради тимскиот дух, да се создаде потребната хемија меѓу играчите која е многу битна во овој спорт како меѓусебна поткрепа во важните моменти. Затоа лани почетокот беше тежок, очекувано…но како минува времето, квалитетот избива на површина и со секој ден сме се посигурни во себе.
Вардарци сезонава ја стартуваа со подготовките кои почнаа на 6 август кои беа подготвителен процес за настапот на европскиот куп НБЦ кој се одржа во Австрија. Црвено-црните како победници на македонскиот “Претседателски куп“ обезбедија настап на ова натпреварување, каде имаа повеќе од одличен настап и завршија во првата половина од 24 екипи учесници на истиот. Димитровски дава оценка за овој европски тест за квалитетот на неговиот тим и за започнатата МКЛ и очекувањата од истата, тој вели :
- Настапот на НБЦ купот е во рамките на очекуваното. Не брилјиравме како што посакувавме, но и не бевме под нивото. Играчите со големо меѓународно искуство го покажаа својот квалитет , додека помалку искусните можеа и подобро. Сума сумарум, искуство повеќе кое ќе ни служи на идните вакви натпреварувања. После многу перипетии добро е што воопшто започна новата сезона во МКЛ. Ние како екипа сме спремни за предизвиците што ни претстојат, а тоа се победите и титулите. Стартот ни е според очекувањата и желбите, а тоа се сигурни победи во првите 2 кола , а во тој стил очекувам да продолжиме се до дербито со Макпетрол на 30.01.2015 кога ке се одлучува за лидер на МКЛ во есенскиот дел од сезоната.- ни изјави Драги Димитровски за Вардар фанс.
Михајло Тушевски