Викендов црвено-црниот кугларски колектив ќе одигра еден заостанат меч од вториот круг во Македонската кугларска лига-МКЛ. Избраниците на Драги Димитровски ќе бидат домаќини во овој дуел на екипата која доаѓа од Битола тимот на КК Хераклеа.
Битолчани нашиот КК Вардар ќе ги пречека во сабота на 19-ти март, дуелот ќе се игра со почеток во 11-00 часот. Ние ќе бидеме домаќини во кугларницата “Мусандра“ која се наоѓа во Градскиот трговски центар Скопје. Најпрвин своите дуели ќе ги одиграат јуниорите на Вардар и Хералкеа, а потоа на “мегдан“ ќе излезат сениорските состави. Хераклеа е во налет таа екипа имаше три меча помалку поради технички проблеми, двата дома со КК ГТЦ Мусандра и со КК Империал Тобако ТКС ги доби. Со ова ни овозможи доколку победиме во сабота да избиеме на втората позиција пред КК ГТЦ со два бода позитива пред почетокот на завршниот последен трет круг од МКЛ.
Ние со битолчани сме фаворити лани двапати ги добивме во МКЛ и ги минавме во двомечот во Купот на Македонија. Во оваа сезона в гости триумфиравме откако КК Вардар собори 3040 “дрва“, домаќините имаа 152 помалку односно 2888 “соборени дрва“. Ние победивме со 1-7 односно со 6,5-17,5 во сетови. Најистакнат кај нас беше искусниот Миле Димковски кој имаше подобар скор од сите помлади колеги впишувајќи зад своето име 543 “соборени дрва“. Второпласиран во нашиот тим на тој дуел беше Младен Донковски со скор од 526.