Повторно во свoите пензионески денови, професорот Мирослав Бошковиќ не води на „патување“ низ атлетската историја за земјава.
Атлетската дисциплина 400 м. со пречки е една од потешките атлетски дисциплини. Подразбира поседување повеќе елементи,: брзина, одраз, скочност, издржливост… Оваа дисциплина кај нас започнала да се развива уште во првите години по Втората светска војна.
Во табелата, дадени се сите сениорски рекорди од почетоците на атлетиката во Македонија, до денес. Првиот атлетичар кој победил на една трка во оваа дисциплина, е Матовски Славко (Слика 2) од АК “Работнички”, кој во 1949 година, во Сараево, трката ја истрчал за 60 секунди. Основната причина зошто рекордот е поставен во 1949 година во Сараево, а не во Скопје, биле од техничка причина и недостиг на пречки на патеката која во тоа време се градела.
Сепак, овој рекорд опстојувал цели 13 години, сѐ до појавата на атлетичарот на АК “Вардар”, Плана Али, кој за 0,8 секунди го подобри рекордот на Матовски. За овој атлетичар може да се каже дека бил сестран, настапувајќи како во спринтерските, така и во техничките дисциплини, а со мошне голем успех настапувал и на републичките и сојузните кросеви . Во 1964 година, во Скопје, го подобрува македонскиот рекорд на 58,9 . И наредните неколку години, атлетичарите на АК “Вардар” продолжиле да ја развиваат оваа дисциплина.
На атлетската сцена настапува Терзиев Перо, кој во 1967 година, на еден атлетски митинг во Пловдив, Бугарија, трката ја истрчал со време на нов македонски рекорд од 58,6 . На листата на рекордите, името на Терзиев ќе остане полни пет години, сѐ до 1972 година. Тогаш приматот го презема Јовчевски Раде, инаку клупски другар на Терзиев. И Терзиев и Јовчевски, произлегоа од школата на бугарскиот тренер Ѓорѓи Нечев, кој со својата стручност и професионалност, создаде повеќе атлетичари кои станаа републички рекордери. Терзиев беше успешен во повеќе дисциплини, па настапуваше и во десетобој, каде имаше силна конкуренција од Сефо Амети, од АК “Работнички”. Јовчевски Раде станува член на АК “Вардар”, уште како ученик во скопската гимназија “Раде Јовчевски Корчагин”.
Кон крајот на 1969 година, тренерот Нечев го напушта клубот, а овие атлетичари ја продолжуваат атлетската кариера, особено Јовчевски Раде, кој со својата посветеност, почна да го загрозува републичкиот рекорд. Во 1972 година, во Скопје, постави нов рекорд со 57,7 секунди, а во наредниот приод уште два пати се најде во истата улога. Како студент на Правниот факултет во Скопје, Јовчевски успешно се носеше и со студиите и во атлетиката, На 23 годишна возраст, во 1973 година, го постави својот најдобар резултат од 55,8 . Кариерата на овој атлетичар траеше неколку години, и редовно ги бранеше боите на клубот во повеќе дисциплини на екипните, куп натпреварите, како и на поединечните првенства. Во средината на 70-те години, како новоформиран клуб се јавува АК “Скопје”, кој под стручното раководство на проф. Блгоев Ташко, создаде повеќе извонредни атлетичари и атлетичарки речиси во сите дисциплини. Главен извор на атлетичарите беше неговото училиште “Коце Металец”, од каде произлегоа неколку републички рекордери во повеќе дисциплини.
Во клубот се јавува еден нов талент, Илиевски Бранко , кој беше успешен во повеќе дисциплини. Бранко Илиевски беше стандарден член на македонската младинска и сениорска репрезентација. Конечно, на 5 јуни 1980 година, во Загреб, го постави актуелниот рекорд кој изнесува 55,11. Од овој рекорд, па до денес, минале 40 години, а тој сѐуште опстојува на македонската листа на атлетските сениорски рекорди. Очекуваме, конечно да се појави ново име во нашата атлетика, кое ќе го прекине ова исчекување, и ќе ни донесе подобрување на рекордот.