Викендов на програмата беше првото коло во Македонската кугларска лига-МКЛ. Во истото се одигра големото дерби помеѓу нашиот црвено-црн кугларски колектив и тимот кој е 15 години по ред шампион на земјава КК Макпетрол. Тимот кој е финансисни “џин“ во МКЛ кој има огромен буџет успеа да го победи КК Вардар во еден меч во кој крајниот резултат не го отслика целосно она што се случуваше.
Мечот се одигра во кугларницата “Мусандра“ при Градскиот трговски центар Скопје. “Пумпашите“ победија со 1-7 (8,5-15,5). Нашите момци соборија 3339 “дрва“ , а пак жолто-плавите имаа 75 повеќе односно 3414 “соборени дрва“. Нашите момци се бореа максимално против фаворизираниот тим кој дојде до триумфот. Кај нас повторно беа најдобри ударното дуо Димитровски-Влаќевски. Најголемиот црвено-црн “бисер“ Димитар Димитровски беше најдобар на целиот меч впишувајќи 631 “соборено дрва “. Кугларскиот Моцарт -Влаќевски Бојан забележа скор од 580. Трет беше искусниот Миле Димковски 567, а зад него Донковски Младен со скор од 544. Коста Ристевски собори 516 “дрва“, Димитровски Дарко имаше 263, него го замени Митиќ кој стигна до бројката 238. Интересен факт е што на овој меч настапи Дане Јакимовски кој премина во редовите на Макпетрол тој на дербито во црвено-црниот дрес секогаш беше трет зад ударното дуо Влаќевски-Димитровски, но во новата средина одигра лошо беше најслаб во “Мусандра“ со само 507 “соборени дрва“ . Во ова коло се одиграа и следните два дуела : КК ГТЦ Мусандра – КК Империал тобако 6-2 и Хераклеа-18 Август 7-1.
Следното коло кое е закажано за на 22/10/2016 во сабота ќе го одиграме со почеток во 10-00 часот. Во истото ќе “гостуваме“ на КК ГТЦ Мусандра.