Кадетскиот тим на Вардар обезбеди пласман на завршниот турнир од EYBL, натпреварување на кое учествуваат екипи од цела Европа и е неофицијална Евролига во оваа конкуренција.
Турнирот ќе се одржи во втората половина од март во Печуј, а кошаркарите на Александар Ашаданов не планираат да се задоволат само со учество на него. Откако во претходните две фази победија многу познати тимови, желбата е сето тоа да се круниса со трофеј или барем медал.
„Годините поминати заедно со овие момци ни овозможија да прераснеме во едно големо семејство кое е амбициозно и секогаш си поставува високи цели. Така на овој турнир целта беше пласман меѓу најдобрите.
Знаевме дека нема да биде лесно и дека поразот од првиот турнир може да влијае на нас, но овие момци уште еднаш покажаа карактер и докажаа дека можат да играат и против најдобрите во Европа и дека во иднина сериозно ќе затропаат на портите на сениорскиот тим на Вардар, но и на македонската репрезентација.
Ваквите натпревари се од огромно значење за нас затоа голема благодарност до управата на КК Вардар на чело со Бранко Андриевски кој цврсто стои позади овие момци и им овозможува одлични услови и голем број на интернационални натпревари. За крај овој пласман го посветуваме на Бундо, нашиот соиграч кој за жал на првиот натпревар заработи сериозна повреда, и му посакуваме побрзо заздравување“, изјави Ашаданов.
До завршниот турнир кадетите на Вардар ќе се насочат на домашните обврски, односно првенството во кое повторно бркаат титула.