Женскиот одбојкарски клуб Вардар ќе се сретне со финскиот прволигаш Хаменлина во рамките од Челинџ-купот на ЦЕВ. „Црвено-црните“ по одличната сезона на домашната сцена се до паузата поради коронавирусот, сега ќе добијат можност да се докажат и во меѓународни рамки, каде искуството на натпревари против квалитетни ривали ќе биде драгоцено за нашите млади одбојкарки.
Хаменлина е квалитетен состав кој секоја година учествува во европските натпреварувања. Поголемиот дел од играчкиот кадар се фински одбојкарки, а во „ростерот“ имаат и засилувања од Чешка, САД и од Белорусија.
Првиот натпревар е закажан за периот меѓу 8 и 10 октомври во Скопје, а реваншот во Финска ќе биде на програмата во периодот од 13 до 15 октомври.
Словенечкиот прволигаш Камник е наш ривал кај момците, на стартот од новата европска авантура, беше одлучено со вчерашната ждрепка што се одржа во Луксембург. Вардар втора година по ред ќе се натпреварува во Челинџ-купот на ЦЕВ, а желба на сите во клубот е сезонава да биде мината најмалку една пречка во текот на европската авантура.
Камник е ривал по мерка, станува збор за екипа што во сезоната 2018/2019 била вицешампион на Словенија, а во клупската историја има три титули шампион на својата земја (2001, 2002 и 2003).
Првиот натпревар ќе се игра во Скопје на 15/16 октомври, а реваншот ќе се игра седум дена подоцна во Словенија.