Tuesday ,23 April 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > АТЛЕТИКА! ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ДЕЦЕНИИ, СЕ ОБНОВУВА АТЛЕТСКИОТ МЕМОРИЈАЛЕН МИТИНГ “ЛАЗО МИЛОШЕВСКИ“
АТЛЕТИКА!  ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ДЕЦЕНИИ, СЕ ОБНОВУВА АТЛЕТСКИОТ  МЕМОРИЈАЛЕН МИТИНГ 	    “ЛАЗО МИЛОШЕВСКИ“
Лазо Милошевски

АТЛЕТИКА! ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ДЕЦЕНИИ, СЕ ОБНОВУВА АТЛЕТСКИОТ МЕМОРИЈАЛЕН МИТИНГ “ЛАЗО МИЛОШЕВСКИ“

Нешто повеќе од година дена, “Вардар Фанс” ја објави мојата статија под наслов “Потсетување на Атлетскиот меморијален митинг Лазо Милошевски, легендата на АК Вардар и македонската атлетика” (ВИДИ). На самиот крај од овој напис, ги напишав и следните зборови:
   -Имајќи ги во предвид врвните спортски дострели на легендата на македонскатаатлетика, Лазо Милошевски и долгогодишното постоење на меморијалот “Лазо Милошевски”, а со оглед на тоа дека Скопје нема меѓународен митинг од ваков формат, кај поголем број поранешни атлетски работници и атлетичари преовладува идејата и желбата за обновување на овој меморијал, кој заедно со Скопскиот маратон би придонел уште повеќе во популаризацијата на атлетиката, како и градот Скопје.
Неколку дена подоцна, се сретнав со претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Крсто Серафимовски, кој не само што ја поддржа оваа иницијатива, туку и вети дека во најкратко време, Атлетската федерација на Македонија ќе ја обнови оваа атлетска манифестација. Мислев дека неговото ветување е преомистичко, но еве дојде денот кога тоа и ќе се реализира.

Крсто Серафимовски, претседател на АФМ

Крсто Серафимовски, претседател на АФМ

Според информацијата која ја добив од претседателот Серафимовски, и генералниот секретар на Атлетската федерација, Дејан Ангеловски, на 7 октомври (сабота), со почеток од 14 часот, на патеката на Националната арена “Филип II”, во организација на АФМ,  ќе се одржи Интернационален  митинг “Лазо Милошевски”. Како што бевме информирани, на програмата се следните атлетски дисциплини: Мажи:  100 м.,400 м, 800 м.,скок во далечина и скок во височина. Жени: 100 м., 400 м., 800 м., скок во далечина и скок во височина.

Дејан Ангеловски, ген. секретар и Крсто Серафимовски, претседател на АФМ

Дејан Ангеловски, ген. секретар и Крсто Серафимовски, претседател на АФМ

Првопласираните троица во секоја дисциплина ќе добијат медали и дипломи од АФМ како и парична награда: 1 место – 100 EUR, 2 место – 70 EUR, 3 место – 30 EUR.

                За меморијалната трка “Лазо Милошевски ”, на 400 метри, паричната награда е:

1 место – 200 EUR, 2 место – 150 EUR, 3 место – 100 EUR.

Автор: професор Мирослав Бошковиќ