Викендов на програмата беше треттото коло во Македонската кугларска лига-МКЛ, во истото црвено-црните куглари гостуваа во градот Битола. Домаќин ни беше екипата на КК Хераклеа. Избраниците на Драги Димитровски на овој првенствен дуел остварија висока гостинска победа, која беше изразена со резултат 1-7.
Во Битола мечевите се играат во куглана која е доста постара и тешко се постигнуваат врвни резултати, сепак ние триумфиравме високо над домаќинот. КК Вардар собори 3040 “дрва“, домаќините имаа 152 помалку односно 2888 “соборени дрва“. Ние победивме со 1-7 односно со 6,5-17,5 во сетови. Најистакнат кај нас беше искусниот Миле Димковски кој имаше подобар скор од сите помлади колеги впишувајќи зад своето име 543 “соборени дрва“. Второпласиран во нашиот тим беше Младен Донковски со скор од 526, а нашата “ударна игла“ Димитар Димитровски имаше 520. Кугларскиот Моцарт – Влаќевски Бојан застана на бројката 502, а зад него беше најмладиот од семејството Димитровски, Дарко кој впиша 480 соборени чуневи. Освен нив играше и Згонц кој собори 469 “дрва“. Вардарци се во низа од две победи и тоа двете остварени нагости. Првата кај КК ГТЦ Муснадра минатата недела и оваа кај КК Хераклеа во Битола. Со оваа победа избивме на втората позиција со 4 бода зад КК Макпетрол кој има 6 бода, а сме пред КК Хераклеа која има соберено досега 3 бода.
Во следниот викенд не очекува ново, четврто коло во Македонската кугларска лига во истото сме домаќини во кугларницата Мусандра лоцирана во Градскиот трговски центар-Скопје. Го пречекуваме тимот на КК 18 Август 2016 кој досега по три кола има една победа. Мечот во кој влегуваме како фаворит ќе се игра на 5/11/2016 година, сабота со почеток во 10-00 часот.