Една од најдобрите македонски кошаркарки последната деценија, Едина Муса до крајот на сезоната ќе го носи дресот на Вардар, дознава КОШ.МК.
Тоа е нејзино враќање во редовите на „црвено-црните“ чиј член беше во периодот од 2016 со 2018 година кога два пати го освои Купот на Македонија и во двете завршници беше прогласена за МВП на завршниот турнир. Сега доаѓа од редовите на Работнички кој е дисквалификуван од Првата лига, поради неодиграни два натпревара.
Во меѓувреме, Муса почна да го усовршува тренерскиот „занает“. Беше дел од проектот на КФСМ и ФИБА – „Заедно до 16“, а во октомври 2021 година, со Марјан Ѓуров, Владимир Мирковски и Јасмина Герасимовска престојуваше во Турција на тренерски мини-камп. Ако нема неочекувани проблеми, Муса ќе го означи своето враќање во Вардар на завршницата од Купот на Македонија кој ќе се игра од 18 до 20 февруари во Скопје.