Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Ново продолжение! Историјата на АК “Вардар” (3), пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
Ново продолжение! Историјата на АК “Вардар” (3), пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Ново продолжение! Историјата на АК “Вардар” (3), пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Во 1967 година, на функцијата претседател на АК “Вардар” беше избран Тодор Пеливанов. Роден е во Велес на 26.09.1938 година. Основно училиште и гимназија завршил во Скопје. Во текот на учебната 1957/58 година се запишал на Правниот факултет во Скопје и го завршил во текот на учебната 1961 година. По завршувањето на факултетот, извесно време работел во Општинскиот суд во Велес, а потоа заминал на отслужување на воениот рок. По отслужувањето на воениот рок, се вработил во Републичкиот секретаријат за внатрешни работи. На ова работно место останал до есента 1964 година, кога бил избран за асистент по предметот социологија на Правниот факултет во Скопје. Во текот на 1966/67 година престојувал во Берлин на Хумболтовиот универзитет каде што посетувал специјалистички курсеви по филозофија,

Во почетокот на 1973 година ја одбранил магистерската теза и постојано работел како асистент по предметот социологија, а по потреба држел вежби и по други предмети (теорија на правото и уставно право). Во 1973 година, доверено му е да изведува настава по предметот, основи на марксистичката филозофија, а во 1976 година е избран за предаваш на истиот предмет. Во текот на 1979 год. ја одбранил докторската дисертација по наслов. Во почетокот на на 1980 год. е избран за доцент.
Покрај својата ангажираност во раководењето на АК “Вардар”, Пеливанов беше мошне активен и во развојот на СД “Вардар”, особено во изготвувањето на правните регулативи и подготовки на актите на друштвото. А во тоа време СД “Вардар” претставуваше едно беспрекорно организирано друштво. Имаше свои простории во строгиот центар на градот, во кулите покрај Трговскиот центар. Уште во тоа време имаше професионален генерален секретар, шеф на сметководството, благајник, техники секретар и др. За претседател на друштвото задолжително беше избирана афирмрана личност од општествено-политичкиот живот на Македонија. Напр. Првиот претседател на друштвото формирано во 1947 год. беше Димче Беловски, а подоцна и Панта Поленак, Боге Сотировски, Илија Сипковски и др. Генерален секретар на друштвото беше Борче Јанковски, голем спортски работник и претседател на ОК “Вардар”. На истиот кат се наоѓаа и канцелариите на ФК “Вардар”.

Проф. Д-р. Тодор Пеливанов

Проф. Д-р. Тодор Пеливанов

Како активен атлетичар, Пеливанов мошне добро беше упатен во раководењето со еден атлетски клуб со богата традиција. Во работата на клубот имаше извонредна помош од повеќе истакнати членови на Вардар и поранешни атлетичари меѓу кои беа и Глигориевски Русе, Андреевски Атанас, Крстевски Киро, Павлов Мирко, Николовски Владо, Пеповски Миле, Ѓорѓиевски Симе и др. Овие луѓе се грижеа за сите сегменти во функционирањето на клубот: обезбедување финансиски средства, набавка на опрема и реквизити, соработка со педагозите по физичка култура во средните и основните училишта, унапредување на стручната работа, обезбедување зимски и летни подготовки и настапи на атлетичарите на републичките, сојузните и меѓународните натпревари. Често се одржуваа заеднички состаноци на управата со атлетичарите, каде изворно можеа да се слушнат проблемите со кој се соочуваа атлетичарите и излез за нивно решавање. Во текот на зимскиот тренажен процес, управата организираше појачана исхрана за сите атлетичари во еден од рестораните во центарот на градот, обично во “Пелистер” или “Самоисхрана”.
Покрај настапите на републичките и сојузните натпревари, клубот практикуваше соработка со повеќе клубови од други држави. Со тие гостувања се наградуваа и мотивираа атлетичарите за подобри резултати. Таква соработка се остваруваше со АК “Левски” од Софија, со Станке Димитров, Стара Загора, АК “Велбужд” од Ѓустендил, како и со градот Плзен, Чехословачка.

Гостувањето во Плзен, Чехословачка, во 1969 година, преставуаше едно од најинтересните клупски патувања во историјата на клубот. Целта на патувањето беше учеството на еден мошне силен атлетски митин кој секоја година се одржуваше во овој град, на кој настапуваа голем број европски атлетски имиња.
Подготовките за оваа турнеја, раководството на клубот ги презеде многу порано. Учесниците имаа доволно време да ги добијат или продолжат патните исправи, како и да купат извесен износ долари, за да може да ги разменат во чехословачките круни. Конечно дојде и 23 септември, денот на тргнувањето. За поголем број од учесниците, ова претставуваше прво подалечно патување надвор од земјата. Затоа, возбудата, особено кај младите беше видливо изразена. Ги минувавме градовите и селата, влеговме и во Војводина. Пред да се упатиме кон границата кон Унгарија, водачот на патувањето, Киро Крстевски организираше ручек на познатото езеро Палиќ кај Суботица. Пријатното есенско сонце, убавините на Палиќ, како и звуците на тамбурашите, оставија незаборавни сеќавања поминати на ова место. Потоа дојде и граничниот премин. Нашата граница ја минавме брзо. Дојдовме и на унгарскиот дел. Но се случи непријатно изненадување. Според нивните прописи, моравме да размениме извесна сума долари за унгарски форинти. Голем дел од нас бевме средношколци или ученици, па ова за нас беше непредвидено оптоварување. Објаснивме дека не остануваме во Унгарија, туку дека сме спортисти, и заминуваме директно за Чехословачка. Но, цариниците беа неумоливи, добивме форинти, со кои незнаевме што да правиме.Во исто време не информираа дека истото ќе мораме да го направиме и при враќањето.
Дојде и Чехословачка. Овде немаше поголеми процедури. Брзо продолживме со патувањето. А оваа земја пленеше со своите есенски убавини. Долж патиштата се протегаа бескрајни стебла со созреани сливи, јаболки, круши… Стасавме и во главниот гфар Прага. И после 60 километри, југозпадно, близу Германија, дојдовме и во Плзен. Љубазните домаќини не сместија во хотел. Членовите на раководството на клубот беа поканети да ја посетат познатата фабрика за пиво, меѓу најстарите во Европа. Тука се наоѓа и познатата фабрика за автомобили “Шкода”. А ние,помладите атлетичари, се восхитувавме на убавината на културно-историските споменици во градот, а посебно не импресионира готските средновековни катедрали. Сепак, повеќе се фокусиравме кон продавниците за спортска опрема. Посебно, вниманието ни го привлекуваа многубројните модели на патики, кои ги немаше кај нас. Особено се радувавме на патиките “Ботас”, кои не беа скапи за нашите прилики. Она што ми остана во сеќавањето, бее продавниците од кои постојано се слушаше убава музика од чехословачката естрада. Најслушани беа песните на Карел Гот, најпопуларниот естраден уметник во Чехословачка во тоа време. Секој од нас добивме по една грамофонска плоча од овој пеач, која долго време не постетуваше на овој настан.
Дојде и она за што дојдовме, почетокот на атлетскиот митинг. Тоа беше еден мошне силен меѓународен митинг, на кој редовно учествуваа и најпознатите европски атлетичари. Откако Ѓорѓи Нечев ја соопшти саатницата, ги раздели стартните броеви. Кај неискусните натпреварувачи воочливо беше присуството на трема. Нашиот атлетичар Симе Ѓеорѓиевски настапи на 800 метри, во истата група со легендарниот чехословачки среднопругаш и европски првак, Јозеф Плахи. Плахи супериорно победи, но Симе мошне храбро се бореше, и го даде максимумот во оваа трка. Во втората група на 800 метри, настапи и Живко Грабуловски, мошне успешно. Славица Конеска веќе имаше интернацинално искуство, па и таа беше меѓу водечките. Атлетичарот кој пленеше со своето самопоуздање и храброст, беше Сотир Гавриловски. Тој беше спортист од европски формат. Во секоја трка настапуваше храбро, бескимпромисно, па така и во оваа трка на 1500 метри, покрај европските асови, тој беше меѓу водечките, со што потврди дека беше најуспешен македонски среднопругаш во 60-те и 70-те години.
Најголемо внимание привлече олимпискиот победник на 3000 стипл-чез на ОИ во Токио, 1964 година, како и европски шампион на 5000 и 10000 метри, познатиот белгиски ас Гастон Релантс. Се восхитувавме од леснотијата со која трчаше, елеганцијата и супериорната победа во трката на 3000 метри. А, тогаш Релантс веќе имаше 32 години. Но, покрај своите квалитети на атлетската патека, подеднакво беше успешен и во танцувањето, кога на свечената вечера ги пленеше сите присутнисо познавањето на многубројните светски танци. Од оваа дистанца, простто е неверојатно, од каде толку време и толку воља да едедн човек, за своте 32 години биде толку успешен во повеќе области на човековото живеење.
Заврши гостувањето во Плзен. Тргнавме назад. Се приближуваше чехословачко-унгарската граница. Од градот Комарно, го преминавме мостот на Дунав, и влеговме на унгарската страна. Веќе ги подготвувавме доларите да бидат разменети за форинти. Дојдоа цариниците. Разменија неколку зборови со водачот на патот Киро Крстевски, и после 2-3 минути добивме информација дека царинската служба на преминот решила да не пушти без менувањето на доларите. Тоа беше пропратено со голема радост, бидејќи воглавном бевме ученици или студенти.
Веднаш по неколку минути влеговме и во унгарскиот пограничен град Комарон. Но за само неколку секунди расположението веднаш се смени. Минувајќи низ првата раскрсница,едно унгарско комбе, свртувајќи кон нас, го закачи нашиот автобус, и се преврти неколку пати. За среќа немаше потешки последици. Но наместо да се продолжи патувањето, неолку часови чекавме да се направи увид од полицијата. Непријатноста се зголеми кога ни соопштија дека возачот Пенчо ќе биде задржан во Унгарија. И така, останавме со еден возач, кој возеше непрекинато 24 часа, до нашето Скопје.

Учесници на патувањето: Од лево кон десно; клекнати: Мирослав Бошковиќ, Мира Василева, Пеповски Миле, Грабуловски Живко ( АК “3 ноември”), Славица Конеска (АК “3 ноември”), гостин на клубот; стојат: Пенчо (возач на автобусот), Антевски Благоја, Јовчевски Раде, Јовановиќ Драган, Јевтиќ Спиро, Ивановски Мире, Ѓорѓиевски Симе, Наумовски Веле, таткото на Зоран Тасевски, Ристо ? , Драги ? , Глигориевски Русе, Апостолски Љупчо, Андреевски Атанас, Благоја (возач на Автобусот); во автобусот: Ѓорѓи Нечев, Киро Крстевски, Перо Терзиев, Трајковски Момо, Николовски Васил.

Учесници на патувањето: Од лево кон десно; клекнати: Мирослав Бошковиќ, Мира Василева, Пеповски Миле, Грабуловски Живко ( АК “3 ноември”), Славица Конеска (АК “3 ноември”), гостин на клубот; стојат: Пенчо (возач на автобусот), Антевски Благоја, Јовчевски Раде, Јовановиќ Драган, Јевтиќ Спиро, Ивановски Мире, Ѓорѓиевски Симе, Наумовски Веле, таткото на Зоран Тасевски, Ристо ? , Драги ? , Глигориевски Русе, Апостолски Љупчо, Андреевски Атанас, Благоја (возач на Автобусот); во автобусот: Ѓорѓи Нечев, Киро Крстевски, Перо Терзиев, Трајковски Момо, Николовски Васил.

Покрај низа успешни атлетичари кои ја бранеа црвено-црната боја во 60-те години, ќе ги спомнеме и атлетичарките Аница Пупинова, Ксенија Пајкиќ, Мира Василева и др. Аница Пупинова настапуваше на 400 и 800 метри, и беше во врвот на македонската атлетика. Мира Василева беше спринтерка, но често настапуваше и на ноќните трки, како и на крос трките. До појавата на легендарната Вера Вељановска од Битола, во 1970 година, Мира беше најбрзата жена во Македонија. Сестрите Ксенија и Зелија беа исто така квалитетни спортисти, и носеа значајни бодови за Вардар.
Покрај Љупчо Трајчев, мошне успешен копјаш во шеесетите години, беше и Немет Звонко. Низа воени лица кои привремено работеа во Скопје, се вклучуваа на тренинзите и натпреварите на Вардар. Во фрлачките дисциплини, меѓу најдобрите македонски фрлачи, особено во фрлањето диск, се истакна Антевски Благоја, кој со својата појава оставаше силен впечаток кај публиката. Со него работеше уште еден фрлач, Ников Ристо, кој во почетокот на 70-те години се пресели во Торонто, Канада. Со своите физички предиспозиции се наметна уште еден фрлач на диск. Се работи за Јовановиќ Драган, од Црна Гора, кој студираше на Стоматолошкиот факултет во Скопје.
Еден од поактивните во клубот беше и Треневски Митко, кој настапуваше на 400 и 800 метри.
Во 1969 година, во Вардар дојде младиот Спиро Јевтиќ. По првите тренинзи, тренерот Ѓорѓи Нечев го пријави во своето деби, трката на 1500 метри. Иако според возраста сеуште беше млад младинец, успешно се носеше со поискусните натпреварувачи, а трката ја истрча со резултат од 4:07,0 , што претставуваше наговестување дека се раѓа една нова sвезда на македонската атлетска сцена. Сепак работите не одеа како што клубот очекуваше. По само една година помината во АК “Вардар”, Спиро се повлече од атлетиката.
Кон крајот на 60-те години, во атлетиката зачекориja и Јовчевски Раде,Трајковски Момо, Стојановски Бранко, Бошковиќ Мирослав и др., кои своите најдобри резултати ќе ги постигнат во 70-те години.

Една атлетска трка на Градскиот стадион (Филип II) во шеесетите години.

Една атлетска трка на Градскиот стадион (Филип II) во шеесетите години.

Шеесетите години не беа само години на спортските успеси на клубот. Покрај можностите кои клубот им ги нудеше на своите членови во својата спортска афирмација, се градеше и другарството, пријателството, солидарноста. Иако за атлетиката зборуваме како индивидуален спорт, сепак тренинзите се одржуваа заеднички. Среднопругашите, на своите подолги тренинзи надвор од стадионот, секогаш трчаа во група, која се состоеше и по десетина учесници. Спринтерите, скокачите и фрлачите имаа можност за поголемо дружење меѓу себе. Тимскиот дух особено беше присутен на екипните натпревари, кога секој успех на поединецот беше заедничка гордост на сите членови на клубот.

Зеднички излет на Водно. Сотир Гавриловски (лево), уживаше во декемвриското сонце, 1969 год.

Зеднички излет на Водно. Сотир Гавриловски (лево), уживаше во декемвриското сонце, 1969 год.

По завршувањето на тренинзите, секогаш заеднички заминувавме кон центарот на градот, каде најнапред влегувавме во Стоковната куќа, да видиме и да слушнеме нешто ново од музичката продукција, а потоа шетавме по тогашното корзо, кое во вечерните часови секогаш беше полно со посеители. Кога имавме пари, седнувавме во некоја од слаткарниците, каде ги минувавме убавите мигови од нашата младост. Во летните месеци, по натпреварот, најомилената дестинација ни беше “Кермез”, каде под убавите сенки, со музиката на тогашните бендови, знаевме да се честиме со по едно пиво или безалкохолен пијалок. По завршувањето на натпреварувачката сезона, наместо тренинзите, практикувавме играње мал фудбал на военото игралиште, а подоцна на ракометното игралиште на Вардар, покрај Зоолошката градина. Најборбен играч беше Сотир Гавриловски, кој покрај победите на атлетската патека, секогаш се бореше да биде победник и во фудбалот, па својот победнички менталитет го пренесуваше и на другите членови на екипата. Чести беа и нашите заеднички излети на Водно.
Еден од примерите на другарството меѓу нашите атлетичари, кои другаруваат од своето детство, па се до денес, тоа се Кичевски Митре и Ивановски Мире.

СТОРИЈА ЗА ЕДНО НЕРАСКИНЛИВО ДРУГАРСТВО

Кичевски Митре (горе, лево), Ивановски Мире (горе, десно)

Кичевски Митре (горе, лево), Ивановски Мире (горе, десно)

Кичевски Митре во раните години

Кичевски Митре во раните години

Кичевски Митре, како талентирано момче, доаѓа во АК “Вардар” во 1963 година. Неговиот талент доаѓа до израз во трките на средни и долги патеки. Интересно е што беше победник на сите републички кросеви во пионерска конкуренција, како и во категоријата за помлади и постари јуниори. Едноставно, не признаваше било кој во Македонија да биде пред него. На атлетската патека, Митре иако небеше рекордер, секогаш се наоѓаше во врвот на македонската атлетика. По завршувањето на кариерата како атлетичар, Митре станува атлетски судија. Често ја обавуваше и најодговорната улога на натпреварите, делегат. Како нлен на ИО на АК “Вардар”, постојано придонесува во подобрувањето на условите за работа на клубот. Во повеќе мандати беше делегат на Собранието на АФM, како и член на ИО на АФМ. Како истакнат атлетски работник, повеќе пати ја предводеше атлетската репрезентација на Македонија на меѓународни натпревари. Денес е член на Надзорен одбор на АФМ. Во 1964 година, на иницијатива на Митре, во АК “Вардар” доаѓа неговиот најдобар другар од детството и младоста, Ивановски Мире.

Ивановски Мире беше еден од најдобрите среднопругаши и долгопругаши во Македонија. Најчесто настапуваше во висциплините 5000 и 10000 метри. Беше мошне одговорен, како на тренинзите, така и на натпреварите. Како мошне борбен атлетичар никогаш не се предаваше пред својот конкурент. Често применуваше тактика на менување на ритамот на трките, при што после неколку бегови (шприцеви), успеваше да го скрши отпорот на противникот и да му донесе на својот клуб драгоцени бодови. Во тоа време, со ваква тактика во Европа, се истакнуваше познатиот англиски долгопругаш и европски рекордер Дејви Бетфорд.

Во 1969 година, Скопје беше организатор на Балканскиот атлетски крос. Оваа престижна манифестација се одржа во рекреативниот центар Сарај. Покрај голем број атлетски работници, во организацијата на натпреварот активно учествуваа и Мире и Митре. Уште тогаш беа во редот на судиите кои извонредно ги реализираа своите обврски. Оттогаш, па наваму, не се делат од атлетската патека. Тие, како атлетски работници учествуваа и во организацијата на низа други врвни манифестации: Финале на Купот на Југославија 1974 во Скопје, Меморијалот “Лазо Милошевски”, Финале на Купот на Југославија 1989 година, Балканскиот крос во Скопје во 2003 година, Првиот скопски маратон 1997 г, а највисокиот дострел беше учеството во судиската организација на Европскиот куп на 10000 за мажи и за жени во 2014 година.
Во текот на својата кариера, Ивановски Мире и Кичевски Митре посетуваа повеќе семинари за атлетски судии и се здобија со судиска лиценца за државни и меѓународни атлетски натпревари. Како членови на ИО на АК “Вардар”, тие во улога на делегати повеќе пати учествуваа во работата на Годишното собрание на Атлетската федерација на Македонија. Во повеќе мандати, Митре беше член на Извршниот одбор на АФМ, а моментално ја обавува функцијата член на Надзорен одбор. Извесен период, како спонзор, ја помагаше традиционалната Божиќна трка која беше организирана од АК “Маџари” и истакнатиот атлетски работник Душко Ангеловски. За својот огромен придонес во развојот на атлетиката во Македонија, во 2015 годин, Митре, заедно со познатите атлетски работници Зоран Михајлов и Ристо Трајковски, го доби високото признание, наградата за животно дело.

0vv

Кичевски Митре(прв од лево) на доделувањето на наградата за животно дело, декеври 2016 год.

-

Својата неизмерна врзаност кон АК “Вардар”, Ивановски Мире ја пренесуваше на својот син Марко Ивановски, атлетичар и атлетски судија. Во АК “Вардар”, Марко е уште од 2001 година. И покрај низа тешкотии со кои се соочува, тој редовно настапува за клубот, а кон црвено-белата боја успеа да привлече и други атлетичари. Покрај учеството на натпреварите од републички карактер, Марко се појавува и на низа меѓународни натпревари. Има истрчано повеќе маратони во земјата и странство. Покрај Марко Ивановски, во АК “Вардар” тренираат и Петре Завировски и Дејан Василевски, а ги предводи најдобриот маратонец на Македонија Трпе Мартиновски.

ПРОДОЛЖУВА СО
СЕДУМДЕСЕТИТЕ ГОДИНИ

Пишува>проф. 
Мирослав Бошковиќ