Црвено-црната вардарова историја од 1947 до денес е толку богата што тоа е невозможно да се долови дури во мислите колку таа е исполнета со настани, резултати, истакнати поединци и друго. Една таква за една атлетска легенда ви ја преставуваме :Еден ден, во кабината на “АК Вардар” која се наоѓеше под јужната трибина на Градскиот стадион, влезе едно момче со желба да тренира атлетика .Не се мислеше многу, туку веднаш си ги облече тренерките и тргна со нас на својот прв атлетски тренинг. Беше ученик во VI одделение, се уште пионер, но тоа не му пречеше да со нас повозрасните трча низ Градскиот парк и патеката на стадионот. Не пропушташе ниту еден тренинг, настапуваше на училишните натпревари, кросевите и републичките првенства. Со текот на времето ќе се фокусира на дисциплината 400 метри, каде ќе ги постигне своите најдобри резултати.
Мачев Исмаил е роден на 3 јануари 1960 година во Скопје. По завршувањето на основното образование се запишува во ССУЗОЗОМИЕС “Kоце Металец” во Скопје. Во тоа време, како професионален тренер во АК “Вардар” работеше Ѓоргиевски Симе, кој ја организираше стручната работа. Како тренер, во тоа време со него работеше неговиот професор по физичко воспитание Вацев Васил. Подоцна преминува во АК “Работнички” каде работи со тренерот Вучков Ѓорѓи.
Во 1983 година учествува на повеќе меѓународни натпревари и ги постигнува првите републички рекорди на Македонија:
– На 2 февруари 1983 година во Ѓенова, Италија, настапи на 400 метри во сала, и со време од 49,12 поставил нов македонски рекорд.
– На 29 мај 1983 година, во Дебрецин, во трката на 200 метри, со резултат 21,80 поставува нов македонски рекорд.
– На 13 септември 1983 година, во градот Касабланка, Египет, во дисциплината 400 метри, со резултат од 46,27 постави нов македонски рекорд.
Наскоро потоа, Мачев преминува во АК “Црвена Звезда” во Белград, каде работи со познатиот атлетски стручњак Христо Ицо Гергов, со кого ги постигна своите најдобри резултати.
Во 1987 година во дисциплината 400 метри постигнува фантастичен резултат од 45,83 и како еден од најдобрите атлетичари, во 1988 година беше учесник на Летните олимписки игри во Сеул. Со години беше член на југословенската репрезентација.
Во 1989 година, Мачев Исмаил беше во машката екипа на “Црвена sвезда” која стана шампион на Европа во Купот на европските клупски шампиони. Четири пати беше југословенски сениорски шампион на 400 метри.
Мачев Исмаил настапуваше неколку пати и во дисциплината 800 метри. Неговиот најдобар резултат е 1:47,41, што претставуваше втор најдобар резултат, веднаш зад легендарниот Слободан Поповиќ, победникот на Универзијадата во Загреб во 1987 година. Како најборбен атлетичар, настапуваше на повеќе европски и светски првенства во штафетата 4×400.
На 31 август 1991 година, на светското првенство во Токио, како член на југословенската репрезентација во штафетата 4X400 метри, Мачев Исмаил, заедно со Дејан Јовковиќ, Ненад Ѓуровиќ и Слободан Бранковиќ, го освојува 4 место во светот, со резултат од 2;59,95, веднаш зад В. Британија, САД и Јамајка. Со тоа, оваа штафета беше прогласена за најдобрата “бела штафета ” на светот.
Мачев Исмаил денес работи како професионален атлетски тренер во АК “Црвена Sвезда” во Белград. Своите знаења и богатото искуство со голем успех ги пренесува на младите надежи.
Во декември 2012 година, на Собранието на АК “Црвена Звезда”, Мачев бил избран за член на Управниот одбор на Клубот.
Благодарност за текстот до МИРО БОШКОВИЌ, атлетски работник и член на АК Вардар