Со неверување ја примивме веста дека нашиот драг член на АК “Вардар”, поранешен активен атлетичар и претседател на клубот засекогаш не напушти.
Тодор Пеливанов е роден во Велес на 26.09.1938 година. Основно училиште и гимназија завршил во Скопје. Во текот на учебната 1957/58 година се запишал на Правниот факултет во Скопје и го завршил во текот на учебната 1961 година. По завршувањето на факултетот, извесно време работел во Општинскиот суд во Велес, а потоа заминал на отслужување на воениот рок. По отслужувањето на воениот рок, се вработил во Републичкиот секретаријат за внатрешни работи. На ова работно место останал до есента 1964 година, кога бил избран за асистент по предметот социологија на Правниот факултет во Скопје. Во текот на 1966/67 година престојувал во Берлин на Хумболтовиот универзитет каде што посетувал специјалистички курсеви по филозофија.
Во почетокот на 1973 година ја одбранил магистерската теза и постојано работел како асистент по предметот социологија, а по потреба држел вежби и по други предмети (теорија на правото и уставно право). Во 1973 година, доверено му е да изведува настава по предметот, основи на марксистичката филозофија, а во 1976 година е избран за предавач на истиот предмет. Во текот на 1979 год. ја одбранил докторската дисертација. Во почетокот на 1980 год. е избран за доцент на Правниот факултет.
Напоредно со своето школување, Тодор Пеливанов беше и активен спортист. Беше дел од извонредната екипа на АК “Bардар”. Како стандарден член на клубот, настапуваше во дисциплината фрлање ѓуле, а по потреба, често се натпреваруваше и во скок во висичина. Во 1967 година, на собранието на клубот, Пеливанов беше избран претседател на АК “Вардар”. Во перидот на неговото раководење, клубот повеќе пати беше победник на купот и екипен победник на Македонија. Во тој период, покрај повеќе републички рекорди, неколку атлетичари на Вардар го носеа и дресот на репрезентацијата на Југославија. Поради презафатеноста на своето работно место, извесно време мораше да се повлече од оваа функција, а на покана од клубот, во почетокот на 80-те години, повторно ја презема функцијата претседател.
Својата неизмерна посветеност и љубовта кон црвено-црната боја ја покажуваше и со својот придонес во развојот на СД “Bардар”. Особено работеше на изготвувањето и усвојувањето на правните акти на друштвото.
Покрај атлетиката, Тодор Пеливанов беше вљубеник и во фудбалот. Во периодот од 1960-1965 година, како фудбалски судија, судеше на фудбалските натпревари на територијата на Македонија. Во 80-те години често ја обавуваше функцијата делегат на Втората сојузна фудбалска лига.
Ликот и делото на нашиот Тошо вечно ќе живеат во сеќавањата на неговите долгогодишни соработници и пријатели од АК “Bардар” и СД “Bардар”.
Aвтор: Професор Мирослав Бошковиќ