Довчерашниот младинец на фудбалскиот клуб Вардар, Андреј Ричков денес стави потпис на професионален договор со клубот. Андреј игра на позицијата десен бек и ги има поминато сите младински категории на Вардар. Беше стандарден играч во составот на Љупчо Марковски-Калц, со кој минатата сезона го освои младинското првенство. Тој во новата сезона ќе настапува како позајмен играч во екипата на Беласица, која во новата сезона ќе се натпреварува во втората Македонска лига.
-После 7 години поминати во школата на ФК Вардар секако дека се израдував што ми се јавија од управата и ми понудија професионален договор. Ова е исполнување на мојот сон, да потпишам за клубот во кој сум израснал и многу сум научил. Следната сезона ќе ја поминам како позајмен играч во ФК Беласица, тим кој има доста големи амбиции за во иднина. Се надевам дека брзо ќе се прилагодам на средината и ќе дадам се од себе на тренинзите и натпреварите за да ја оправдам довербата која ми е дадена, изјави Ричков за нашиот сајт.
Професионални договори со нашиот фудбалски шампион од младинскиот погон, имаат и Есмин Личина, како и Виктор Димков, кои во новата сезона ќе бидат позајмени во екипата на Скопје, која исто така игра во втората лига. Инаку братот на Андреј, Марио Ричков исто така е дел од Вардар, каде минатата сезона настапуваше за генерацијата родени ‘2004’ година.
Звонко Ивановски