Овој викенд на програмата во Македонската кугларска лига беше новото, петто коло, последно од првиот круг во ова натпреварување. Лигата како и лани содржи шест екипи кои играат трикружен систем. Во ова коло црвено-црниот колектив беше домаќин на екипата на КК Хераклеа од Битола . Нашите момци обезбедија нов триумф над тимот на КК Хераклеа од Битола, со високи 7-1 и покажаа дека се најсилен кандидат за вице-првак во оваа сезона, што е и наша цел.
Ние во сетови победивме со 18-6, црвено-црните момци соборија 3324 “дрва“, а пак битолчани далеку помалку односно 3188. Први стартуваа за нас капитенот Миле Димковски и Коста Ристевски, по крајот на нивните настапи ние поведовме со 2-0 и одлично го отворивме овој дуел. Во следниот пар за нас настапија Тодоривски и Згонц, по овој пар го задржавме водството од два позитива, односно беше 3-1. Првиот забележа триумф, а вториот беше поразен. Во последниот пар настапија најмладите играчи од овој ростер. Дарко Димитровски и Георг Поп-Крстев. Двајцата беа феноменални и со 4-0 во сетови донесоа два поени. Екипно поради подобриот скор освивме уште два па така победивме со високи 7-1. Димитровски со 571 “соборено дрво“ беше најдобар во нашите редови, Поп-Крстев имаше втор скор, впишувајќи 564 зад своето име. Со ова заврши вториот круг по кој сме убедливо втори во однос на сите конкуренти.