КК Вардар во 1.коло во Првата лига каде се врати по две години пауза ја пречека екипата на Охрид и ја совлада со 90-83.
Дебитантот во прволигашката конкуренција почна подобро од екипата која се врати во друштвото на најдобрите. Во првата четвртина охриѓани акумулираа сосема солидна предност, која на истекот на десетте минути изнесуваше осум поени, (21:13).
„Вардарци“ почнаа да играат подобро во нападот во вториот период, доста израмнет, во кој двата ривали поделија по 21.поен, за гостите од Охрид да ја оддржат позитивата, и на одмор да имаат (42:34).
Впечатливо беше дека акцентот во играта на двете екипи беше ставен на стартните петорки. Оние кои го почнаа мечот, имаа слаба поентерска поддршка од соиграчите (само по три поени од резервистите добија двата тренери во тоа прво полувреме).
Во таква ситуација, кај Охрид се издвоија Бернард со 15, и Ибраими и Кимбору кои додадоа по десет во тие 20.минути. Додека пак кај „црвено-црните“, Наков веќе имаше 13, а Атанасов уште 11.реализации.
На средината од третиот дел од играта, Охрид се стекна и со двоцифрена предност. По поентирањето на Ибраими, во 26.минута, гостите имаа (57:46). Но Вардар не дозволи поголемо одвојување на противникот. На истекот на периодот, домаќините заостануваа шест поени (56:62).
Но по тројката на Бајрам, по само две минути играње во четвртата четвртина, беше нерешено (67:67)…
Една минута подоцна, домашната екипа премина и во водство (69:67). А кога веќе го превземаа, домашните кошаркари не го испуштија. Го комплетираа пресвртот, и стигнаа до премиерната победа во прволигашкиот „камбек“, во која голем удел, особено во периодот на одлука имаа Наков и Бајрам, потпомогнати од Митков и Атанасов.