Денес во салата “Кале“ се одигрува вториот натпреварувачки ден од седмото коло во ракометната Вардар јуниор лига. Кај момците во генерација родени 2006 и 2007 година се одигра еден дуел. Во истиот тимот на РК Драчево Вардар забележа победа над својот ривал.
Екипата на РК Драчево Вардар од Скопје ја совлада екипата од Тетово, тимот на РК Балтепе Вардар со резултат 12-6 (6-2). Први со погодок овој дуел го отворија момците од тетовскиот црвено-црн тим кои поведоа со 0-1 на стартот. Скопјани изедначија на 1-1, а некаде на средината од првиот дел на семафорот беше реми, 2-2. Следеше период на скопскиот тим кој со серија 4-0 до крајот на полувремето целосно доминираше и отиде на одмор со предност од 6-2.
Тетовчани се обидоа во вториот дел да се вратат в игра намалувајќи на 6-3, но тимот на Драчево кој овој меч го одигра само со шест играчи направи серија 3-1, со што поведе со 9-4 и најави дека бодовите ќе ги освои тимот од Скопје во овој дуел. Потоа до крајот гледавме рамноправен натпревар, двата тима погодуваа најизменично во противничката мрежа.
РК Драчево триумфираше со 12-6 на крајот, кај нив први стрелеци на овој дуел беа Трајковски и Тевдовски со по четири гола, кај поразените Петар Савовски погоди два пати во мрежата на ривалот на овој натпревар.