Претстојниов викенд се одиграа натпреварите од шесттото коло во ракометната “Јуниор“ лига. Во неделата на Кале, актуелни беа четири мечеви од машкиот дел кај генерацијата родени 2004/05 година. Победи забележаа екипите на РК Карпош, Балтепе, Илинден и Ангели.
Актуелниот освојувач на зимскиот турнир во оваа генерација, екипата на Карпош од Куманово ја оправда фаворитската улога и очекувано славеше во дуелот со екипата на Будимир. Само во првите шест минути екипата на Будимир беше рамноправен противник, кога се играше гол за гол, а последно водство Будимир имаше при резултат од 2:3. Од тие моменти па се до крајот на натпреварот, доминираа кумановчани, кои со сеерија од 5:0 поведоа со 7:3. Оваа позитива ја одржаа до истекот на првите 20 минути, иако имаа и водство од шест голови разлика (11:5), за Будимир да ги постигне последните два гола во првиот дел и на полувреме да имаме актуелни 11:7. Карпош беше подобар на теренот и во второто полувреме, кога по 10 минути игра стигнаа и до двоцифрена предност од 20:10 и веќе беше познат победникот на овој натпревар. Тимот на Будимир сврза неколку голови и намали до седум гола негатива (21:14), но до крајот на мечот, кумановчани ја вратија двоцифрената предност и славеа со резултат од 25:15.
На натпревар со многу голови, екипата на Балтепе од Тетово забележа убедлив триумф против ОПШ.Кисела Вода. Интересно во првите десет минути се играше гол за гол, се до резултат од 5:5, кога до крајот на првото полувреме, тимот од Тетово направи голема серија од 0:9 и поведе со 5:14, што беше и резултат на полувремето. Во вториот дел разликата само растеше во корист на Балтепе, кој во еден момент имаше и високи 9:23. До крајот само два гола постигнаа поразениот тим, напротив тетовчани кои постигнаа нови седум голови, за голем триумф, изразен со резултат од 13:30.
Актуелниот освојувач на “Јуниор лигата, екипата на Илинден немаше поголеми проблеми да слави во дуелот со РК Вардар ДБ од Кавадарци. Избраниците на Јанев добро го стартуваа мечот, поведувајќи со 3:0, за екипата од Кавадарци да го постигне првиот гол и да го намали резултатот на 3:1. Следеше серија на Илинден кои постигнаа пет последователни голови и зголемија на 8:1. До крајот на првото полувреме, избраниците на Јанев само го зголемуваа водството и на пауза се замина со предност од 13:4. Во второто полувреме, екипата на Вардар ДБ постигна само еден гол, додека илинденци осум, за конечниот резултат да гласи 21:5.
На последниот дуел кај оваа генерација, се сретнаа екипите на Делчево и Ангели. Уште од самиот старт, скопската екипа ја превземаа играта, кога имаа предност од 1:6. Во продолжение од мечот, во два наврати Ангели имаа позитива од шест голови, но до истекот на првите 20 минути, Делчево го намали резултатот на 10:14. Резултатска неизвесност имаше кога резултатот беше 14:17, за Ангели да постигнат пет последователни голови и да го зголемат резултатот на 14:22. Ова беа решавачките моменти за триумфот, а Делчево успеа да намали до само четири гола негатива во еден момент. На крајот конечниот резултат гласеше 22:28.