Еден од играчите кој во новата сезона го напушти Вардар, е Илија Абутовиќ кој беше столбот во одбраната на црвено-црните, во изминатите седум сезони. Абутовиќ се реши за нов предвизвик во неговата играчка кариера, а тоа е екипата на Рајн-Некар од Германија. “Судбината“ сакаше, ждрепката да ги смести во иста група, во Лигата на Шампионите, па повторно ќе имаме можност да го гледаме во Скопје, но сега на спротивната страна. Рајн-Некар ќе гостува во С.Ц. Јане Сандански, во рамките на четвртото коло, од најсилната група А. Во интервју за медиумите во Германија, Абутовиќ истакна дека засекогаш ќе ги памети годините поминати во Вардар, а посебно денот кога станаа шампиони на Европа.
-Бундеслигата е најсилната во светот. Тежината е поголема и времето за одмор е многу кратко. Со Вардар имавме можност целосно да се фокусираме на Лигата на шампионите. Трофејот кој го освоивме минатата година донесе убави чувства кои би му ги посакал на секој спортист. Новата сезона ќе ме однесе повторно во Скопје и тоа ќе биде посебен меч за мене, иако ќе бидам на противничката страна. Поминав седум прекрасни години во Вардар и ќе ги паметам сите од нив, особено 5 јуни.