Вардар втор пат сезонава загуби со 11 гола разлика во дуелите со екипата на Кил. Овој пат на гостински терен, вчера во „Шпаркасе Арената“ славеше противникот со резултат 34:23. Вардар се долго време се одржуваше во мечот, стигнуваше и до два гола негатива, но во последниот период од натпреварот работите тргнаа надоле, па Кил ни нанесе нов висок пораз. Алушовски не се прослави многу на првиот меч во ЛШ како тренер на Вардар, тој даде своја оцена за овој меч.
-Не можеме да сме задоволни од овој натпревар. Можам да кажам дека игравме добро 45 минути, но во последните 15-тина ни се случи катастрофа. Кил знаеше да ги казни сите наши грешки, сите наши брзи обиди за гол. Мора да гледаме напред, да работиме и да се подобриме на следните натпревари“, истакна Алушовски на прес-конференцијата.
Свое видување за мечот даде и пикерот на Вардар, Сергеј Горпишин, кој го изјави следново:
-Ова беше натпревар со две лица. До 45 минута се играше на високо ниво, резултатот беше тесен со 3-4 голови предност за Кил. Во последните 15 минути одигравме катастрофално со многу наши грешки во играта, а тоа против екипа како Кил не е дозволиво. Мораме во следните мечеви да играме сконцентрирано во текот на сите 60 минути.