Голем успех за пионерите на ракометниот клуб Вардар, со освојувањето на второто место на турнирот во Зрењанин. Во периодот од 13-15 февруари, нашите млади надежи беа дел од силен меѓународен турнир, на кој учествуваа околу 84 екипи од неколку различни земји, како Македонија, Србија, Црна Гора, БИХ, Хрватска и Романија. На турнирот избраниците на Андријана Будимир забележаа вкупно три победи и три порази. Во големото финале бевме поразени од екипата на Камп Растимо, додека во полуфиналниот меч го направивме можеби најголемиот подвиг, со елиминацијата на Партизан од Белград, кој важеше за еден од фаворитите за освојување на турнирот во Зрењанин.
-Впечатоците од турнирот во Србија се фасцинантни и истиот беше организиран на највисоко ниво. Нуту една екипа не беше за потценување, но ние со добра тимска игра и воиграна тактика успеавме со многу борба и пот да стигнеме до големото финале, на кои искрено се надевавме. Финалниот натпревар беше многу тежок, во првото полувреме игравме добро и противникот имаше само еден гол предност. Во вториот дел заморот си го направи своето и немавме доволно сили да парираме до крај. Сепак освоеното второ место е голем успех за мојот тим.
Наградата за најдобар голман му припадна на Ненад Ангеловски од редовите на Рк Вардар. Ова е веќе второ вакво признание за месец дена, откако Ненад ја понесе истава награда и на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“.
-Морам да кажам дека сум презадоволен од наградата за најдобар голман. Искрено не ја очекував да ми припадне мене, но кога го прочитаа моето име бев многу изненаден и радосен. Ова ми е веќе втора ваква награда во новата година и ми претставува голем мотив да продолжам и понатаму да работам напорно, изјави Ненад Ангеловски за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски