Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Благоја Антевски: Поминавме уште една година, исполнета со успех и радост, оваа екипа може многу повеќе
Благоја Антевски: Поминавме уште една година, исполнета со успех и радост, оваа екипа може многу повеќе

Благоја Антевски: Поминавме уште една година, исполнета со успех и радост, оваа екипа може многу повеќе

Кадетите на ракометниот клуб Вардар имаа одлична сезона пред себе, освојувајќи го вицешампионското место во својата генерација. Црвено-црните се натпреваруваа во групата 2, каде регуларниот дел од сезоната го завршија на второто место на табелата. Беа забележани 9 победи 1 нерешени резултати и 2 порази во тој регуларен дел. Единствено екипата на Металург успеа да не победи на два пати, противник со кој се сретнавме и во големото финале на завршниот турнир. Како помина сезона за оваа екипа и впечатоците од истата ќе можете да прочитате од средниот бек на Вардаровите кадети, се работи за  Благоја Антевски кој остави значаен белег во добрите резултати на составот предводен од тренерот Чивлачки.

-Во врска со изминатава сезона во кадетската лига ако кажам дека сум задоволен со освоеното второ место значи лажам. Втор е оној, кој за малку не успеал да биде прв, а тоа малку боли. Сум имал прилика во мојата досегашна кариера да бидам и прв, мислам дека тоа е подобро. Би ја “гризнал“ и топката за да бидам прв ама тоа не зависи само од мене, зависи од повеќе фактори, како на пример екипа, тренер, дисциплина и.т.н. Убаво е што во нашава држава се организираат вакви лиги за сите генерации. Гледано од мој агол ние како екипа сезоната ја започнавме со три последователни победи со екипите на Радовиш, Неготино и Илинден, а потоа следеше и пораз од Металург. Првиот дел од сезоната го завршивме со нерешен резултат во Делчево каде покрај големиот притисок од публиката игравме и под голем притисок од судиите. На оваа утакмица бев доста присебен, а тоа се темели на моето искуство и успеав да постигнам гол во последните секунди од натпреварот и така извлековме еден тежок бод на ова гостување. Вториот дел од сезоната бевме покомпактни како екипа и започнавме со победа и завршивме со победа. Впрочем, поминавме уште една година која беше исполнета со успех, со радост и по некоја солза. Сметам дека ова не е максимум што може да се извлече од оваа екипа. Можеме многу повеќе, но треба многу работа и морална стимулација.

Мора да се потенцира големиот успех на тренерот Чивлачки со оваа генерација и екипа, која речиси како нова влезе во натпреварувачката сезона. Како одминуваше сезоната тимот функционираше се подобро и својот квалитет го докажа со пласман во големото финале на кадетската лига.

-Со оглед на тоа дека оваа екипа беше составена во август, а започна со натпревари во октомври можам да кажам дека сум задоволен од играта на екипата но, сметам дека со повеќе работа и со корекција на одредени пропусти би биле уште подобри. Мојот личен придонес на почетокот на сезоната беше многу голем но, како одминуваше периодот истиот се намалуваше. Причината е начинот на игра каде индивидуалната игра доминираше пред колективната игра. Јас како играч кој игра на позиција среден бек повеќе ја ценам колективната игра каде има многу акции и добри асистенции. Индивидуалната игра со себе носи многу грешки кои подоцна се рефлектираат на самата игра на екипата, а сето тоа допринесува лоши резултати.

На завршниот турнир кој се одигра во спортската сала во населбата Автокоманда се најдоа екипите на Металург, Вардар Јуниор, ХЈС Работник и РК Струга. Во полуфиналето избраниците на Слободан Чивлачки беа подобри од екипата на Работник. Во еден неизвесен и тежок меч црвено-црните покажаа карактер и поголема желба за победа од противникот, што резултираше со триумф над Битолскиот претставник.

Во полуфиналето на Ф4, ждрепката сакаше да играме со екипата на ХЈС Работник. Веднаш по објавувањето на ждрепката бевме многу потценети и бевме прогласени за губитници. Сето тоа кај нас пробуди еден борбен дух кој не издигна како феникс од пепелта и изигравме максимално борбено. Одбраната беше беспрекорна, а ние од нападот со нашите потези и голови само ја крунисавме играта на одбраната. Сето тоа резултираше со победа и пласман во финалето.

Како што доликува на едно големо финале во преполната сала во Автокоманда се сретнаа екипите на Вардар и Металург. Натпревар кој во најголем дел беше израмнет, двете екипи имаа свои минути и предност, но во последните десет минути подобро се снајде домашнио тим.

-Во финалето игравме со Металург. Беше неизвесно до 50 минута каде имавме 2 гола предност. Неколку наши грешки, но и одредени судиски пропусти беа причина за пресврт на резултатот и победа на Металург. Впечатоците се големи и позитивни. Убаво е кога во една сала може да се видат толку млади и надежни спортисти. Ракометот е причината поради која ние се бориме како лавови во спортските сали, но и причина поради која искрено се дружиме и почитуваме надвор од нив, изјави Благоја Антевски за нашиот сајт.

Звонко Ивановски