После завршување на ЕП во Хрватска, се враќа на настапите на Вардар во СЕХА и Лигата на Шампионите. Првиот меч во новата година, црвено-црните ќе го одиграат утре, кога ќе гостуваат на екипата на Брест Мешков. Вардарци веќе заминаа за Белорусија, каде попладне ќе го одрѓат првиот тренинг во пресрет на овој меч. На прес-конференцијата која денес ја одржаа нашиот противник, тренерот на Мешков, Сергеј Бебешко ја истакна силата на Вардар, потенцирајќи дека тие се уште немаат пораз во ова натпреварување.
-Се работи за опасен ривал. Не е тајна дека Вардар во СЕХА-лигата нема загубено ниту еден натпревар оваа сезона. Многу пати имаме играно против нив и ја знаеме силата на противникот. Оваа сезона на првиот натпревар одигран во Скопје загубивме со голема разлика и секако дека сега сакаме да се одолжиме за тој пораз. Со оглед дека ова е прв натпревар во 2018 година, ние сакаме да ја започнеме со победа на домашен терен. Играчите кои беа дел од своите репрезентации на ЕП се вратија со различни степени на замор, физички и психички. Се надевам дека за брзо време ќе го достигнеме потребниот натпреварувачки ритам, истакна Бебешко.
На првиот натпревар одигран оваа сезона во С.Ц. Јане Сандански, славеше Вардар и тоа убедливо со резултат 31:23.