Кадетите на ракометниот клуб Вардар со победа го стартуваа пролетниот дел од сезоната. Избраниците на Чивлачки и Грчевски го добија дербито со екипата на Пролет 62. Овој натпревар се одигра на Кале и заврши со триумф на Вардарци со резултат 24:20. Имавме можност да гледаме брз и динамичен натпревар, на кој како подобра екипа се покажаа црвено-црните. Имавме и водство по првото полувреме од 13:9. Ова беше втора победа над екипата на Пролет, со оглед дека над истиов противник триумфиравме и во првиот дел од сезоната. Во нашиот состав на вчерашниот натпревар според бројот на постигнати голови се истакнаа тројца играчи. Атанасовски беше прв стрелец со 8 голови, еден помалку постигна Наков, додека 5 голови беа зад името на Бикоски. Впечатоците од победата за нашиот сајт ги сподели крилото Христи Бикоски кој изјави:
-Натпреварот беше доста тежок за двете екипи иако ние постојано бевме во водство. Ова беше дерби на првото пролетно коло, со оглед дека пред нас имавме тежок ривал, кој знае да биде многу незгоден за противничките екипи. Започнавме во брзо темпо и двете екипи, иако се правеа грешки ние први се одлепивме резултатски. Можевме на крај да славиме и многу поубедливо, но деветте гола разлика ни овозможија малку да се опуштиме, што го искористи Пролет за да го намали резултатот.
Ова беше петта победа за нашите кадети во првенството, со надеж дека добрите резултати ќе продолжат и до крајот на сезоната кога ќе атакуваме на првото место.
-Овој меч ни беше прв во пролетниот дел од сезоната и среќни сме што го почнавме со победа и ќе се трудиме секој да заврши со бодови за нас. Паузата ја искористивме максимално во позитивна насока секој од нас тренираше со полна пареа и секако тоа се одразува и на резултатот и нашата игра. Мислам со секој натпревар стануваме се подобри и подобри и може многу да се очекува од нас. Оваа сезона ќе се трудиме да го достигниме врвот.
Звонко Ивановски