Thursday ,09 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Борозан за Вардар Фанс: Изминативе три години многу добри работи се пишуваа за Вардар и се надевам дека така ќе продолжат и во наредниов период

Борозан за Вардар Фанс: Изминативе три години многу добри работи се пишуваа за Вардар и се надевам дека така ќе продолжат и во наредниов период

Црнагорскиот репрезентативец, Вуко Борозан оваа сезона ќе го гледаме во дресот на Вардар. Левиот бек кој игра во двата правци пристигна од најсилната бундеслига од екипата на Либек. Сите го знаеме по настапите од Металуг, каде играше пред две години. Борозан треба да претставува големо засилување, за составот предводен од Раул Гонзалес. Покрај играта во нападот, се очекува да ја пополни испразнетата дупка во одбраната, по заминувањето на Алем Тоскиќ. Играчот вели дека Вардар е моментално една од најдобрите екипи во Европа и очекува оваа сезона да биде доста успешна за него и клубот.

-Играв во екипата на Металург еднаипол сезона. Потоа патиштата ни се разменија, јас преминав во бундеслигата во екипата на Либек. Добрата понуда од Вардар и моментално како тоа функционира овој клуб на високо ниво беа пресудни за повторно да се вратам во Скопје, но овој пат како играч на Вардар. Мислам дека во овие моменти му требаше играч на Гонзалес кој игра подеднакво добро и во нападот и одбраната, кој знае да шутне од 9 метри, така да се надевам дека ќе ги задоволам очекувањата на клубот. Ова е најдоброто во Европа сите погледи се насочени кон овој клуб. Изминативе три години многу добри работи се пишуваа за Вардар и се надевам дека така ќе продолжат и во наредниве години.

Борозан одлично ги познава голем дел од неговите нови соиграчи. Со некои веќе имаше можност да игра во екипата на Металург, додека со Симиќ беше дел од Црнагорската репрезентација.

vuko2

-Сега моментално на подготовките го нема Лука Циндриќ со кого играв во Карловац и Металург и со кој сум најдобар другар и надвор од ракометните терени. Играв и со Марсениќ во Металург, го познавам и Стоилов и Горан Симиќ кој работеше во репрезентацијата на Црна Гора. Тука е и Раул Гонзалес кој е одличен стратег и кој многу направи за Вардар последниве три години. Ова за мене ќе биде еден поинаков систем на игра, но сигурен сум дека добро ќе се снајдам.

Претходниве три сезони, црвено-црните стигнуваа до најдобрите осум екипи во лигата на шампиони. Во новата сезона главна цел на клубот е да се игра на толку посакуваниот фајналфор.

-Мислам дека е време да се направи тој чекор понапред и да се најдеме на завршниот турнир во лигата на шампиони. Групата е многу интересна, нема тука изразити фаворити, секој натпревар ќе биде неизвесен и посебна приказна. Мислам дека Вардар има квалитет да заврши најмалку на второто место во групата, што би било голем чекор кон посакуваната цел, а тоа е пласманот на Ф4 во Келн, изјави Вуко Борозан за нашиот сајт.

Звонко Ивановски