Saturday ,27 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Ивана Маневска: “Јуниор“ лигата претставува огромен проект кој е од особено значење за иднината на македонскиот ракомет и ги потикнува младите да се занимаваат со овој спорт

Ивана Маневска: “Јуниор“ лигата претставува огромен проект кој е од особено значење за иднината на македонскиот ракомет и ги потикнува младите да се занимаваат со овој спорт

Еден од новитетите во ракометот, не само во Македонија туку и на Балканот, Јуниор лигата ја имаше зад себе својата прва сезона. Дел од неа беа повеќе од 20 ракометни школи, кои имаа можност да играат континуирано натпревари секој викенд во различни возрасни генерации. Дел од екипата која треба во новата сезона да донесе новитети и да го подигне нивото на заинтересиранот на “Јуниор“ лигата е Ивана Велковска, или Маневска како што ние ја знаеме. Ивана пред две сезони беше дел од екипата на Вардар, но поради приватни причини беше принудена да се повлече од активното играње ракомет. Во својата играчка кариера има настапувано една сезона и за првиот тим на ЖРК Вардар, потоа во Ѓорче, Кале-Кичево и Еуростандард.

-Голем е предизвикот да се биде дел од Вардар, било како играч или како соработник. Пред две години ја завршив мојата кариера, баш во овој клуб и огромно е задоволството што повторно имам можност да работам во истиот. Во Вардар бев член три години и веројатно мојата лојалност и посветеност кон клубот беше пресудна за одговорните лица да ме повикаат и  понудат оваа работа. 

Сепак желбата да биде повторно дел од Вардар е поголема од се.

-Откако престанав со ракометот, секогаш бев во тек со случувањата во ракометниот клуб Вардар, особено со вториот тим, во кој играв последно. Ракометот е љубов од која никогаш не би се откажала, меѓутоа не помислував на вракање на терените, туку сакав мојата идна професија да има поврзаност со ракомет. За среќа тоа и се исполни.

По заминувањето од клубот на Тања Медвед, главната одговорност за “Јуниор“ лигата ќе ја има нејзината “десна рака“ од првата сезона. Тоа е Марија Папуџиева која во исполнување на овој проект ќе има помош токму од Маневска и Радоман.

-Јуниор лигата на Вардар претставува огромен проект кој е од особено значење за иднината на македонскиот ракомет. Ова за мене секако е ново искуство, во кое ке се вложам максимално и заедно со Марија Папуџиева и Елена Радоман ке се потрудиме ги потикнеме младите да се занимаваат со ракомет, да се запознаат и да ги усовршуват ракометните вештини и техники, да учат од најдобрите, а преку тоа еден ден да прераснат во професионални спортисти.

Интересот за овој голем проект на ракометниот клуб Вардар и понатаму расте. Нова школа која се приклучи во црвено-црното семејство е “Балтепе“ од Тетово. Во новата сезона, љубителите на ракометот и во другите градови ќе имаат можност да ги проследат натпреварите од оваа лига.

-Моментално работиме на организација на “Вардар јуниор“ лигата за следната сезона и можам да потврдам дека има огромен интерес. Новитет оваа сезона е што дел од натпреварите оваа сезона, освен во Скопје, ке се играат и во другите градови каде што имаме регионални единици. На тој начин децата ке имаат можност да играат во различни сали, да почуствуваат различна атмосфера, а истовремено ке се работи на промоција на ракометот низ цела Македонија, изјави Ивана Маневска за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски