Вардар стигна до првата победа сезона во Лигата на шампионите. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните го победија тимот на Брест Мешков со резултат 35-27.
Вардар одигра перфектно прво полувреме, период во кој се стекна со шест гола предност. Првите три гола за Вардар беа дело на Моралес кој докажува дека ќе биде одлично засилување на десната бековска позиција. Само еднаш екипата на Брест Мешков успеа да го израмни резултатот и тоа на стартот кога беше 1:1, а потоа се беше во знакот на вардарци кои имаа постојана предност, која во најголем дел од првиот дел се движеше од 2-4 гола разлика, за во последните пет минути истата да биде зголемена. Одличен на голот беше Мартин Томовски кој првиот дел го заврши со 8 успешни интервенции. Игравме одлично и цврсто во одбраната, додека во нападот имавме исто така расположени ракометари, погодувајќи од сите позиции. Со два гола во серија на Талески, црвено-црните по 12 минути игра за прв пат поведоа со четири гола разлика (6:2). Брест Мешков се обидуваше да воспостави резултатска рамнотежа, тоа им успеваше на моменти кога смалуваше на два гола негатива. Браќата Њокас повторно ги истакнуваа своите квалитети, токму со погодокот на Кевин Њокас во 20 минута стигнавме до предност од 11:7. Вујовиќ паметно го ротираше тимот, а како се ближеше првиот дел, Вардар изгледаше се помоќно на теренот. Следеше наша серија од 3:0, со головите на Гаџа, Дибиров и Диало за високи 16:10, додека во последната минута од првиот дел, со нов гол на Кевин Њокас поведовме и со највисоки 19:12, за со звукот на сирената противникот да постигне гол и да намали на 19:13, резултат со кој се замина на полувреме. Со поддршка од публиката која после долго време ја видовме во сала, Вардар делуваше супериорно во првото полувреме.
Вториот дел со отвара нововлезениот Дарко Ѓукиќ кој ги враќа седумте гола позитива од првиот дел. Неколку пропуштени напади доведе Мешков да направи 0:4 серија и да намали на 22:19 во 39 минута. Стоилов ја прекинува серијата на противникот, додека Томовски брани зицер удар. Вардар имаше и предност од пет гола, но Брест Мешков е упорен, намали на три гола за неизвесност до самиот крај. Со својот шестти гол од исто толку обиди, Кевин Њокас му донесе водство на Вардар од 30:24 и го доближи до победа на овој натпревар. До крајот на дуелот Кевин Њокас продолжи да игра одлично, исто како и сите останати, па така на крајот Вардар запиша и убедлива победа од 35-27.
Најефикасен играч на натпреварот беше Кевин Њокас со осум гола, а одличен беше и Куни Моралес со „пет од пет“, додека кај Мешков шест гола постигна Станислав Кашпарек.