Ракометната репрезентација на Хрватска со победа го отвори “Хеп Кроација Куп“ кој се игра во Умаг. Тие на вчерашниот натпревар за противник ја имаа селекцијата на Тунис, која е противник на Македонија во групната фаза од СП во Франција.
Мануел Штрлек со два последователни голови го отвори натпреварот, но набрзина Тунис го израмни резултатот. Во десеттата минута од мечот, избраниците на Жељко Бабиќ за прв пат се одлепија на три голови предност (7:4), но во следните шест минути игра, Тунис успева да стигне до израмнување на 9:9. Сепак до крајот на првото полувреме, Хрватска успева да направи серија од неколку последователни голови, најпрво да поведе со 13:9, а потоа и до крајот на првиот дел уште повеќе да го зголеми водството, за по истекот на првите 30 минути да има висока предност од 20:14.
Продолжи добрата игра на Хрватска и во вториот дел, кога успеаа да стигнат до највисоки 7 голови разлика. До крајот на натпреварот Тунис успева да намали и да го заврши натпреварот со резултат 35:30. Во составот за овој натпревар беше Лука Циндриќ кој постигна 3 голови, додека Карачиќ не се појави на теренот. Денес со почеток од 18 часот Хрватска ќе одигра натпревар против Црна Гора.