Утре со почеток од 18 часот во спортскиот центар Јане Сандански не очекува реванш натпреварот од осминафиналето со екипата на Висла Плоцк. На првиот дуел одигран во Полска резултатот беше нерешен (30:30). Иако имавме предност од четири голови на неколку минути пред крајот, не успеавме до крајот да ја задржиме предноста. Вториот најдобар стрелец на мечот во Полска, Лука Циндриќ како одминува сезоната игра се подобро. Товарот во нападот како организатор на играта се очекува повторно да падне на Циндриќ, откако се поизвесно е дека Горбок нема да настапи и на реваншот во Скопје. Карачиќ ќе биде играчот кој ќе го заменува, додека Циндриќ останува на среден бек. Во пресрет на саботниот дуел, Циндриќ за нашиот сајт ги споделува очекувања за овој натпревар.
-Сигурно дека ќе биде еден тежок натпревар, не смееме никако да ги потцениме. Одигравме одличен натпревар во Полска, на крајот ни падна концетрацијата и направивме неколку грешки, што му овозможи на Висла да го израмнат резултатот. Ситници можат да го решат реванш мечот во Скопје, кој ќе биде посмирен во нападот и подобар во одбраната тој ќе го добие дуелот.
Висла Плоц е екипа која оваа сезона покажа подобри резултати на гостински терен. Во групната фаза избраниците на Маноло Каденас одиграа одлични натпревари во Германија. На дуелите со Фленсбург и Кил беа поразени со само два гола, додека кај Веспрем исто така загубија минимално. Ова треба да биде како предупредување за црвено-црните, кои со голема претпазливост треба да влезат во овој реванш меч.
-Ние напорно се подготвуваме за овој меч, се надевам дека и публиката ќе ни помогне во остварување на целта. Висла на неколку пати оваа сезона покажа дека подобро игра на гостински терен, така што мотивот да се победи Полскиот вицешампион е поголем, изјави Лука Циндриќ за нашиот сајт.
Звонко Ивановски