Хрватската ракометна репрезентација е освојувач на “Хеп Кроација куп“, кој изминативе три дена се играше во градот Умаг. Избраниците на Жељко Бабиќ стигнаа до својата втора победа на турнирот, совладувајќи ја селекцијата на Црна Гора.
Првите пет минути од натпреварот поминаа во израмнета игра, до моментот кога со серија од три последователни голови, Хрватска успева да поведе со највисоки 5:2. Неколкуте грешки во наападот и одбрани на Небојша Симиќ, кој е повратник на голот на Црна Гора и овозможуваат на неговата селекција да го израмни резултатот на 5:5. Се играше некако неефикасно на двете страни, неколку минути двете репрезентации не постигнуваат гол, а “мразот“ го крши Лука Циндриќ кој ја враќа Хрватска во предност од 6:5. До крајот на првото полувреме, домашната селекција успеа да ја врати највисоката предност од три гола и на одмор да замине со резултат 11:8.
Во првите осум минути од вториот дел се одржуваше оваа предност на Хрватска, која во продолжение од мечот зголемува и на 20:16. Хрватска беше подобрата селекција на овој дуел, до крајот на натпреварот имаше контрола на резултатот и не дозволуваше Црна Гора да го загрози нивното водство. Конечниот резултат гласеше 24:22.
Средниот бек на Вардар, Лука Циндриќ одигра одличен натпревар постигнувајќи шесто гола, со кои беше втор најдобар стрелец во редовите на Хрватска. Повторно во составот го немаше Игор Карачиќ, додека кај Црна Гора не настапи ниту Вуко Борозан. Ова беше последен тест натпревар за Хрватска пред заминувањето на СП кое ќе се игра во Франција. Првиот свој меч на мундијалот, Хрватска го игра на 13-ти јануари против Саудиска Арабија.