Црвено-црните фуриозно го почнаа настапот на “Вардар турнирот“, кој за прв пат се одржуваа во С.Ц. Јане Сандански. Беше забележана убедлива победа против Нексе од Хрватска(36:26). Она што го красеше нашиот шампион на овој дуел беше разновидноста во играта, силната одбрана и квалитетот на сите играчи кои излегоа на теренот. Раул Гонзалес им даде шанса за настап на сите ракометари кои беа на располагање. Единствен кој не влезе во игра беше Алем Тоскиќ.
На првиот гол, противникот чекаше цели десет минути за да ја затресе нашата мрежа. Во тој период Штербик не дозволи да биде совладан на два пати од седум метри. Во нападот почнавме со Деревен, Карачиќ, Македа, Стоилов, Шишкарев и Дибиров. Дефинитивно во тие први 30 минути, најголем впечаток остави младиот Деревен кој постигна шест голови. Сите негови погодоци беа со силни удари, без шанса за голманот на Нексе да реагира. Освен тоа имаше многу прецизни додавања до Стоилов кој исто така одигра одличен меч. Карачиќ во силно темпо го одигра натпреварот, речиси без грешка.
Македа полека се вклопува во новата екипа, неговата цврстина доаѓа до израз во одбраната, каде заедно со Абутовиќ и Марсениќ делуваат страшно. Лацковиќ после повредата од минатата сезона полека се враќа во играчка форма и ќе претставува големо засилување за тимот. Марсениќ делува како страшен чин кој тешко се поминува преку него. Одбраната ни е многу посигурна со гореспоменатите играчи, која треба да биде засилена и со Тоскиќ. Крилата разновидни и голгетерски расположени. Дибиров стандардно одигра одличен меч, како и неговиот репрезентативен колега Шишкарев.
Во второто полувреме шанса добија Манасков и Циндриќ, пред се Хрватот добро ја искористи постигнувајќи 4 голови. Ангелов влезе исто така и одбрани неколку удари. Се на се моќна игра од црвено-црните, кои покажаа голем квалитет но и демонстрација на сила и моќ. Денес веќе го играме вториот натпревар на турнирот против екипата на Чеховски Медведи.