Од утре стартува новата натпреварувачка сезона за нашиот ракометен шампион. Црвено-црните со почеток од 10 часот во спортскиот центар Јане Сандански ќе го имаат првиот собир за новата сезона. На првиот тренинг се очекува да се појават и најновите засилувања на екипата, освен сеуште непотврденото засилување од клубот Иван Чупиќ, кој се наоѓа на подготовки со својата репрезентација за олимписките игри во Рио. Затоа ќе имаме можност да ги видиме бразилецот Фереира, шпанецот Канелас и црнагорецот Борозан, кои оваа сезона ќе ги гледаме во црвено-црниот дрес. Да потсетиме дека од клубот си заминаа Матјаж Брумен, и Алем Тоскиќ ( Горење Велење) Сергеј Горбок (Пик Сегед) и Филип Лазаров (Темишвар).
Во Скопје остануваме да тренираме до недела, а потоа продолжуваме на подготовки во Крањска Гора (Словенија) кои ќе се одвиваат во перидот од 1-12 август. Ова е четврта последователна година за Вардар, откако главните припреми се одвиваат на ова место кое нуди одлични услови за работа. Тука се очекува да ги одиграме и првите два контролни меча и тоа против силниот тим на Горење Велење, за кој ќе настапат Брумен и Тоскиќ. Првата посериозна проверка за формата на екипата ќе биде силниот турнир во Белорусија, на кој покрај домаќинот Брест Мешков ќе настапат уште и Висла Плоцк и Рен од Франција. По крајот на турнирот, веќе на 22 август екипата се враќа во Скопје. Овие подготовки ќе поминат без Игор Карачиќ и Лука Циндриќ, кои како што знаеме ќе бидат дел од олимпсиките игри во Рио со својата селекција.
Засега нема потврда од клубот за можно учество на нов турнир, освен споменатиов во Белорусија. На 6/7 септември ќе биде првиот официјален меч за Вардарци и тоа во сеха-лигата, која оваа сезона добива на квалитет со приклучувањето на Целје и Горење. Оваа сезона се надеваме дека ќе одиме скалило погоре во лигата на шампионите, каде претходниве три години за малку ни “бегаше“ местото кое води на завршниот турнир. Со новите засилувања, очекуваме да го подигнеме нивото на игра и да бидеме голем претедент за едно од четири места кои водат во Келн. Домашната супер лига и куп се обврска да се одбранат, додека во сеха-лигата време е да го вратиме трофејот во нашите витрини, со што би станале најтрофен клуб во ова натпреварување.