Екипата на Рк Вардар со висок триумф се врати од Прилеп, совладувајќи ја истоимената екипа. Ова е веќе вкупно шести триумф, во исто толку мечеви. Избраниците на Гонзалес играа онолку колку што беше потребно да се забележи победа. Домаќините долго време даваа отпор, но недоволно да се направи нешто поголемо. Само во првите 30 минути успеваа да одржуваат резултатска рамнотежа и неизвесност на теренот. По првото полувреме се замина со предност на црвено-црните од 12:15.
Веќе на почетокот на вториот дел, нашиот тим ги разреши сите дилеми околу конечниот победник. Високата серија на погодоци што ја направивме беше пресудна за конечниот победник. До 40 минута резултатот беше 12:22, што беше најава за нов триумф. До крајот на натпреварот разликата во наша корист се зголемуваше, за на крај конечниот резултат да гласи 24:36.
Гонзалес го продолжува принципот да внесува играч од младинскиот тим. На овој натпревар таа шанса ја доби Стефан Трпчевски, кој беше прогласен за најдобар десен бек на завршниот младински турнир. Трпчевски два пати се запиша во листата на стрелци.
Најефикасни беа Марковиќ и Тоскиќ кои постигнаа по 7 голови.