Денес во спортскиот центар Јане Сандански, ракометарите на Вардар го одиграа последниот домашен натпревар за оваа сезона. Без поголеми проблеми успеавме да ја победиме екипата на Макс Струмица. Резултатот на крајот гласеше 47:30.
Однапред се знаеше победникот на овој меч, само беше прашањето со колкава разлика ќе биде изразена победата. Макс Струмица воспоставуваше резултатска рамнотежа во првите десет минути, кога предноста на Вардар не беше поголема од два гола, се до моментот кога со серија од 6:0 успеавме да се одалечиме на резултат 14:7. До крајот на првиот дел поведуваме и со двоцифрен резултат, на одмор имавме водство од 24:14.
Вториот дел беше чиста рутина и полесен тренинг за избраниците на Раул Гонзалес. На десет минути пред крајот имавме убедливи 41:21. Во последните период од играта, гостинскиот тим успеа да ја намали негативата, за конечни 47:30 на овој натпревар. Најдобра вест на овој дуел покрај доделување на шампионскиот пехар е и враќањето после подолга пауза на Александер Деревен, кој успеа да постигне дури 14 погодоци. Втор по ефикасност на овој натпревар беше Шишкарев со 11 голови.
На крајот беа доделени медалите за нашите ракометари и трофејот кој го подигна капитенот Филип Лазаров. Клубот им се заблагодари на Тоскиќ, Брумен, Манасков и Горбок, кои на крајот од сезоната го напуштаат клубот. Во последното коло гостуваме на екипата на Прилеп.
Вардар: Стоилов 2, Тоскиќ, Манасков 8, Милиќ, Македа 2, Карачиќ, Душебаев, Лазаров 5, Циндриќ 1, Ангелов, Шишкарев 11, Марсениќ 4, Деревен 14.