После победата во првата ракометна лига, против екипата на Гостивар, претстојниов викенд РК Вардар 2 ќе ги одигра натпреварите од четвртфиналната група од купот на Македонија. Избраниците на Стојан Петрушевски ќе имаат тешка задача да направат подвиг и да се пласираат на завршниот турнир. Самиот податок дека се наоѓаме во група со екипи кои се дел од супер лигата, говори за квалитетот на противниците. Сепак нашите млади ракометари кои оваа сезона се најпријатното изненадување во првата ракометна лига, покажаа дека можат да се носат и надигруваат со повозрасни и поискусни екипи, а пласманот во најдобрите четири од националниот куп ќе биде дополнителен мотив да го покажат најдоброто од себе. Во сабота за противник ја имаме екипата на Прилеп, со почеток од 17 часот во салата “Билјанини извори“ во Охрид, кој е домаќин на оваа група. Крилото на Вардар 2, Филип Дамчески во пресрет на натпреварите од купот со свои очекувања кои ги сподели за Вардар фанс.
-Нашите очекувања се влез во најдобрите 4 од купот на Македонија , но најпрво треба да извојуваме победа над екипата на РК Прилеп. Потоа треба да го добиеме и победникот од дуелот РК Охрид – РК Тинекс Пролет. За дуелот со Прилеп нашата екипа максимално се подготвува и концентрирано работи на тактиката за триумф во овој дуел. Со оглед на тоа дека играме против екипа која се натпреварува во супер лигата и заврши на 4-то место (регуларен ден) во истата, ние сме максимално подготвени да одговориме на овој предизвик, иако сме далеку помлада екипа од нашиот противник. Натпреварите од првата Македонска лига кои почнавме да ги играме оваа година ни донесоа големо искуство за вакви силни натпревари , нашата екипа е најголемо изненадување во нашата лига со оглед на тоа што до лани игравме младинска лига. Сметам дека шансите се големи за влез во најдобрите 4 на овој куп турнир , ако ја покажеме нашата вистинска игра, изјави Филип Дамчески за нашиот сајт.
Звонко Ивановски