Викендов на програмата е третото коло во ЕХФ Лигата на шампионите во машка конкуренција, во истото нашиот ракометен црвено-црн колектив е гостин во Словенија. РК Вардар во ова коло е гостин на словенскиот шампион и поранешен владетел на ракометна Европа екипата на РК Целје Пивовара Лашко.
Европската куќа на ракометот за овој меч кој ќе се игра во недела, деветти октомври со почеток во 18 часот и 30 минути ги делегираше официјалните лица, судиите и делегатот на дуелот. Судиската двојка за овој меч во најелитната ракометна конкуренција на планетава доаѓа од Данска. ЕХФ ги одреди данците Херик Мортенсен и Јеспер Киркхолм Мадсен за делители на ракометната правда, а за делегат е делегиран Иван Долејс од Република Чешка. Вардар влегува во дуелот од врвот на табелата до кој стигна со две победи во воведното коло, домаќините имаат една победа и еден пораз досега. Овој дуел како и секој меч од Л.Ш ќе може да го следите низ директен пренос на МТВ, на првиот програмски канал.