Денес со почеток од 16:30 часот во спортската сала “Младост“ во Битола се игра големото финале на купот на Македонија. Во него ќе се сретнат екипите на Вардар и Еурофарм Работник. Ова е епилогот од вчерашните одиграни полуфинални мечеви, каде Вардар во неизвесен дуел го победи Металург (31:30), додека Еурофарм Работник беше подобар од Охрид (26:18).
Ова ќе биде трето нивно соочување оваа сезона, откако претходно одиграа два натпревари во супер-лигата. Двата меча им припаднаа на црвено-црните, кои најпрво на гостувањето во Битола славеа со резултат 19:24, за на реваншот во Јане Сандански да слават уште поубедливо со резултат 37:19. Екипата од Битола оваа сезона изгради добар тим, кој на клупата е предводен од Андон Бошковски, кој е поранешен тренер на Вардар, или помошнк на времето кога главн предводник беше Веселин Вујовиќ. Располагаат со добри играчи, а најзвучното засилување за оваа сезона е во името на повремениот репрезентативец на Македонија, Лазо Мајнов. Тука се и младиот голман кој потекнува од школата на Вардар, Градимир Чаневски, како и Филип Чурлевски кој минатата сезона беше дел од екипата на Вардар Јуниор, како и интернационалец, Монтеро Де Барос. Сепак Вардар е далеку поквалитетен тим и нереално е да се прават споредби на вечерашните финалисти.
Раул Гонзалес најверојатно и на овој меч нема да може да смета на услугите на Абутовиќ и Фереира, кои се опоравуваат од повредите, како би биле подготвени за завршниот турнир во Келн. Радува се подобрата форма на Вуко Борозан, кој на секој нареден меч се повеќе воодушевува со своите игри, како и Арпад Штербик кој е несовладлив на нашиот гол. Имаат црвено-црните широк ростер на клупата и можност за комбинации во текот на цел еден натпревар. Вечерва со триумф имаме можност да стигнеме до четвртиот последователен трофеј во купот, вкупно 12 во историјата на клубот. Финалето ќе оди со директен пренос на ТВ Телма.