Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Ракометното дерби без победник, Вардар освои голем бод во Битола
Ракометното дерби без победник, Вардар освои голем бод во Битола

Ракометното дерби без победник, Вардар освои голем бод во Битола

Ракометното дерби во Битола заврши без победник. Вардар имаше предност во најголем дел од натпреварот, но на крајот се бореше и за бод. Резултатот на крајот гласеше 30:30.

Вардарци на крајот од првото полувреме имаа предност од четири голови, резултатот беше 13:17. Одигравме одлично прво полувреме, во кое некаде на средината од првиот дел успеавме да се одлепиме од противникот. Домашниот тим го отвори резултатот, но врати Гаџа со два гола за наша предност. Следеше период во кој се играше гол за гол на двете страни, се до резултат 7:7. На нашиот гол, Борко Ристовски стигна до својата четврта одбрана, што беше наградено со два последователни голови на Тото, за прв пат да поведеме со два гола разлика, после 15 минути игра резултатот беше 7:9, што беше знак за Бабиќ да повика минута одмор. Игравме добро во одбраната, додека во нападот ги имавме расположените Гаџа, Тото, но и Талевски кој со својот втор последователен гол зголеми на 9:12. Салата беше преполна, се создаваше притисок од домашните навивачи, но црвено-црните сепак играа добро и не потпаднаа на притисокот. После една контра, Дибиров додаде до Гаџа, кој со својот втор зголеми на највисоки 12:17. Во последната минута, домаќинот успеа да постигне гол и да го намали резултатот.

После само две минути игра во вториот дел, Пелистер успеа да ја преполови негативата и да намали на 15:17. Сепак, вративме со головите на Талески и Дибиров, за нови четири гола разлика. Одличен денес, Борко Ристовски со својата деветта одбрана, за Вардар и понатаму да ја одржува предноста. Домаќинот со сите сили се обидуваше да се доближи резултатски, за момент намалија на два гола, но Моралес врати со гол за 20:23 во 48 минута. На пет минути пред крајот, Пелистер намали на само еден гол негатива, но денес одличниот Гаџа врати со гол за водство од 24:26. Одиме во неизвесна завршница, противникот го израмни резултатот, па и поведе со 30:29. Противникот имаше и напад, но ја загуби топката, за во последните секунди да изнудиме пенал. Истиот го реализира Дибиров за конечни 30:30.

 Анте Гаџа имаше осум гола, Жереми Тото даде шест, а Филип Талески погоди пет пати.