Денес во спортската сала во Богданци, се одигра ракометното дерби во првата ракометна лига помеѓу екипите на Младост и Вардар 2. Победата им припадна на поискусната и повозрасна екипа на Младост. Во натпревар каде имавме пред себе искусен противник со поранешни репрезентативци како Стоилов и Узунчев “изгоревме“ во желбата да постигнеме поволен резултат.
Натпреварот во првите десет минути се играше израмнето со гол за гол на двете страни. При резултат 4:4, домашниот тим започна да се одлепува резултатски и со серија од 3:0 поведува со 7:4. Во продолжение двете екипи постигнуваат по два гола, но во последните пет минути, Младост постигнува два последователни голови за највисоки 11:6. На одмор се заминува со водство на противникот од 12:7.
Младиот состав предводен од Зоран Петковски подобро го отвара вториот дел, каде прави серија од 1:3, за да намали на 13:10. Сепак Младост во продолжение од мечот се покажа како поквалитетен противник, на секој гол на Вардарци, домашниот тим одговараше со два или три гола и постепено но сигурно го зголемуваа водството. Најголемата позитива што успеа да ја направи Младост беше осум голови разлика, а конечниот резултат на крајот гласеше 27:20.
Најефикасен во нашите редови беше Никола Димитров со 5, додека Стефан Чакалиќ постигна 4 гола. Ова беше прв пораз во првата лига за РК Вардар 2. После ова коло лидерската позиција ја презема екипата на Младост. На овој натпревар Вардар настапи без својот капитен Дамјан Трајковски.
РК Вардар 2: Дамчески 1, Чакалиќ 4, Крстевски, Димковски, Мишевски 2, Димитров 5, Апостоловски 2, Гичев 3, Лазов, Стојов, Мицановски, Ѓоршоски, Брауновиќ, Стошиќ 1, Амзоски 1, Стојановски 1.