Ракометната репрезентација на Русија стигна до својата петта последователна победа, во рамките на квалификациската група 1, за баражот за пласман на светското првенство во 2019 година.
Избраниците на Кокшаров и Дејвис овој пат славеа на гостувањето во Словачка, со резултат од 26:32. Во почетните минути резултатот беше израмнет на 2:2, а од тој момент Русија постигна три последователни голови и се одлепи резултатски на 2:5. Во следните десет минути, гостинската селекција имаше водство кое се движеше од 2-4 голови разлика. Русија имаше постојана предност и контрола на резултатот, во три наврати имаа и пет голови разлика, како и највисоки шест гола (9:15), но Словачка ги постигна последните два гола до истекот на првите 30 минути и на одмор се замина со резултат од 11:15.
Вториот дел започна со гол на Русија, а Словачка се обиде да фати резултатски приклучок кога имаше само три гола негатива (14:17). Сепак избраниците на Кокшаров не дозволуваат резултатска неизвесност, па со серија од 0:4 успеваат за прв пат на натпреварот да имаат највисоки седум голови разлика (14:21). Во следните минути Словачка успева да намали на 17:22, но Русија со нова серија на погодоци успева да стигне и до двоцифрена предност од 18:28. До крајот, Словачка успеа да намали и да го ублажи поразот.
Повторно најефикасни во составот на Русија беа играчите на Вардар, Тимур Дибиров и Данил Шишкарев кои постигнаа по 5 голови. Со овој триумф на едно коло пред крајот, Русија обезбеди бараж дуел, за пласман на светското првенство во 2019 година.