Сите тројца вардарови играчи кои беа дел од подготовките на Хрватска, се најдоа во конечниот список на селекторот, Лино Червар за претстојното Европско првенство кое стартува денес. Лука Циндиќ, Игор Карачиќ и Иван Чупиќ ќе настапат за својата селекција на ЕП.
Иван Чупиќ се враќа на едно големо натпреварување, откако го пропушти настапот на Светското првенство во Франција минатата година, кога неговата селекција го освои четвртото место. Тој заедно со Хорват ќе го понесат товарот на десната крилна позиција. Дел од споменатиот мундијал беа Игор Карачиќ и Лука Циндриќ. Лука воедно беше и најдобар стрелец на својата селекција на СП во Франција и во ТОП-10 најдобри стрелци. Червар за ова ЕП се реши во составот да го врати и искусниот пикер, Игор Вори, додека на голманската позиција немаше место за Иван Пешиќ, кој моментално можеби е во подобра форма од останатите двајца чувари на мрежата, Алиловиќ и Стевановиќ.
Токму вечерва, Хрватска го има премиерниот натпревар пред својата публика против селекцијата на Србија, за која ќе настапи и Мијајло Марсениќ.