Во следните осум дена претстојат два важни натпревари за нашиот ракометен шампион. Тоа ќе биде сигурно дерби во 7 и 8 коло во лигата на шампионите. Првиот судир помеѓу првите две пласирани екипи во најсилната група Б ќе се случи утре, со почеток од 19 часот во арената “Палау Блауграна“. Црвено-црните ќе гостуваат на актуелниот европски првак, во кој настапува нашиот Кирил Лазаров. Вардарци веќе два дена тренираат во Барселона и се подготвуваат за големиот предизвик кој им претстои. Тие се наоѓаат на првото место на табелата со вкупно 10 бодови, или еден помалку од утрешниот противник. Најдобриот играч на Вардар, руското крило Дибиров вели дека дека екипата е зрела и подготвена да се надигрува со евроскиот првак. Ние поставивме кратко прашање дали Вардар е подготвен да се “носи“ со Барселона на гостински терен.
-Мислам дека дојде време кога неможе да се постави вакво прашање. Сега Вардар може против секого, но да не заборавиме со каков противник ќе играме утре. Нормално е дека сакаме да освоиме бодови и на гостински терен, но тоа ќе биде можеби најтешко до сега. Овие два последователни меча со Барселона можат во голема мера да го решат изгледот на табелата од првата до третата позиција во нашата група. Ние сме свесни за значењето на овие два дуели, како екипа сме зрели и максимално подготвени да се спротиставиме на актуелниот европски првак. Ќе ја играме својата игра и ќе гледаме да ги исполниме поставените задачи од тренерот Гонзалес, изјави Тимур Дибиров за Вардар фанс.
Звонко Ивановски.