Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Кристијан Димитријески: “Јуниор лигата“ ја сметам за најдобар проект на РК Вардар, бидејќи преку неа станавме играчи кои размислуваат за професионален ракомет

Кристијан Димитријески: “Јуниор лигата“ ја сметам за најдобар проект на РК Вардар, бидејќи преку неа станавме играчи кои размислуваат за професионален ракомет

“Јуниор лигата“ ја сметам за најдобар проект до сега на Вардар, затоа што преку неа станавме играчи кои размислуваме за професионален ракомет, изјави Кристијан Димитријески за нашиот сајт.

Дефинитивно најновиот проект на ракометниот клуб Вардар донесе новитети во Македонија за сите деца кои сакаат да се занимаваат со ракомет. Со “Јуниор лигата“ се зголеми интересот за играње ракомет, а токму ова натпреварување им ја исполнува желбата на сите да започнат да се занимаваат со овој спорт. Целта е да се обединат сите ракометни школи од цела Македонија во една лига, а најдобрите играчи да бидат дел од ракометниот клуб Вардар. Истите тие утре можат да бидат и предводници на репрезентацијата кои ќе придонесуваат за големи успеси на европските и светски првенства. Сите услови да бидат тоа што сега го сонуваат, го имаат токму преку Јуниор лигата, која е во целосна организација на најголемиот клуб во Македонија. Кристијан Димитријески ја имаше можноста да биде дел од ова натпреварување, кое се покажа како голем чекор во неговата понатамошна кариера.

-Започнав да тренирам на 12 години во екипата гостивар. Желбата ми беше да одберам груб спорт. Лигата ја сметам за најдобар проект до сега на Вардар, затоа што преку неа станавме играчи кои размислуваме за професионален ракомет. Исто така преку “јуниор лигата“ секој се бореше за посакуваната цел, секој од децата можеше да ги покаже своите квалитети и да се избори да биде повикан во младинскиот состав на вардар. Јуниор лигата ми помогна бидејќи имав можност да се покажам на секоја утакмица, не само јас секој имаше доста време да го даде својот максимум. Преку утакмиците бев се посилен и посилен додека еден ден тренерите ми кажаа дека сум селектиран за младите категории на Вардар. Првата сезона помина доста добро со мојата поранешна екипа РК Гостивар. Резултатите не беа како што посакувавме, сепак задоволен сум од играта и борбеноста на мојата екипа. Завршивме на 5-то место, но како што кажав желбите ни беа прво место, но имаше доста подобри екипи од нас.

Првата сезона на “Јуниор“ лигата запона да ги дава првите резултати. Димитријески во новата сезона ќе биде дел од младинскиот состав на РК Вардар Јуниор, кој ќе биде предводен од тренерот Пепи Манасков.

-Добив повик од моите тренери дека сум избран меѓу најдобрите и треба да се изборам за место во Вардар. Очекував да ме повикаат бидејќи дадов добри резултати на двата зимски турнири во организација на РК Вардар. Во 2015 бев најдобар десен бек, 2016 најдобар центар, во лигата дадов се од себе и како возврат добив резултат да бидам член на младинците на РК Вардар. За мене значи голем успех и ке продолжам за да стане реалност. Очекувам големи резултати со црвено-црните, брзо се зближивме, играме по план на нашиот тренер. Моменталните подготовки течат напорно, изјави Кристијан Димитријески за нашиот сајт.

Звонко Ивановски