Дамјан Димитријевски е член на пионерскиот состав на ракометниот клуб Вардар. Дамјан пристигнува во клубот минатата сезона, откако беше избран од селекцијата на ракометари која ја правеше нашиот клуб. Негов поранешен клуб е РК Илинден Вардар каде работи двоецот Дарко и Александра Јанев. Денес со успех го носи црвено-црниот дрес и е еден од најдобрите ракометари кај пионерите кои ги предводи Андријана Будимир.
-Првите почетоци ми беа на дванаесетгодишна возраст, со ракомет почнав да се занимавам така што бев на тренинг на мој другар и одлучив да тренирам, а мои први тренери ми беа двоецот Дарко и Александра Јанев кои ме предложија за селектирање. Одлично се вклопив во средината и бев прифатен од моите соиграчи во Вардар.
По одигрување на првиот дел од сезоната, Вардаровите пионери се наоѓаат на второто место во својата група. Беа забележани шест победи, еден пораз и нерешен резултат.
-Изминатава полусезона беше успешна освен натпреварите против РК Аеродром И Металург, на кои одиграме со нерешен резултат и загубивме. Во пролетниот дел очекувам сите утакмици да ги победиме и секако дека Вардар може да стане конкуренција на Металург, па дури очекуваме и победа во салата во автокоманда.
Нашите пионери имаат од кого да учат. Нивниот тренер Андријана Будимир има големо исксутво како играч, освојувајќи две европски титули, од кои едната беше со екипата на Кометал Ѓорче Петров. Црвено-црните беа дел од силен турнир во Брчко, на кој освоија деветто место.
-Тренинзите со Андријана се одвиваат напорно, каде секој си ја знае својата задача. Одлично е да се работи со таков стратег, каде нејзиното искуство е многу важно за нас кои се повеќе напредуваме. Исто така се заблагодарувам на мојот тренер Андријана која што ја откри мојата идеална позиција во тимот каде што имам добиено признание на позицијата лево крило. Од турнирот во Брчко сум задоволен од играта и постигнатите резултати на мојот тим, иако не успеавме да се пласираме во четвртфиналето.
Дамјан ја има честа да игра за најголемиот клуб во Македонија, а негова желба е еден ден да заигра и за првиот тим.
-Во иднина сакам да станам врвен играч, исто така и како играч на првиот тим на Вардар. Идол ми е Уве Генсхајмер и еден ден сакам да сум како него. Името Вардар за мене претставува нешто големо и ценето во нашата држава и надвор.
Звонко Ивановски