Денес во С.Ц. Јане Сандански продолжија натпреварите во рамките на ракометната „Јуниор Лига“.
Кај генерацијата родени 2008/09 година се одиграа три натпревари во машкиот дел,на кои победи забележаа екипите на РК Седмерец и тоа две, како и Кисела Вода со еден триумф.
На првиот меч се сретнаа екипите на Кисела Вода и Шампион, поуспешна беше екипата на Кисела Вода која славеше со резултат 11:9. Во текот на целиот натпревар тимот на Кисела Вода беше во предност, имаа и одличен старт на мечот кога поведоа со 3:0, а првиот гол тимот на Шампион го постигна во 5.минута кога намали на 3:1. До крајот на првото полувреме, екипата на Шампион сериозно се закани на предноста на Кисела Вода кога намали на само еден гол негатива, но последниот гол во првиот дел го постигна Кисела Вода, па на кратка пауза се замина со резултат 7:5.
Првиот гол во второто полувреме го постигна Шампион за намалување на резултатот, но Кисела Вода повторно се одлепи и зголеми на 9:6. До крајот на натпреварот ја одржуваа оваа позитива, па славеа триумф со резултат 11:9.
Екипата на Седмерец од Охрид успеа со пресврт во вториот дел да стигне до триумф во дуелот со Парт. Зографски Вардар, кои по првото полувреме има минимално водство од 4:3. Охриѓани беа во позитива од 3:2, но последните два гола во првиот дел ги постигна екипата на Парт.Зографски, за на полувреме да бидт во водство.
Екипата на Седмерец одигра многу подобро во второто полувреме, кога и направи серија од 0:3 и поведе со 4:6. Беше до крајот неизвесно, кога се играше гол за гол, екипата на Парт.Зографски стигнуваа и до еден гол негатива (7:8), но Седмерец беше подобар во финишот и славеше победа со резултат 7:10.
До уште една победа во денешната програма од Јуниор лигата стигна РК Седмерец, која овој пат ја совлада екипата на Ангели. На овој меч видовме многу голови, а на крајот како поуспешна се покажа екипата од Охрид. Гледавме неизвесно прво полувреме, во кое ниту една од екипите не успеа да се стекне со поголема предност од еден погодок, а на полувреме, Седмерец имаше водство од 7:6.
И во второто полувреме гледавме израмнета игра, во која се играше гол за гол се до резултат 11:11, кога охриѓани постигнаа два гола во серија и зголемија на 13:11, период кој се покажа како клучен за победата на овој интересен меч. На крајот победа за РК Седмерец изразена со резултат 15:13.