Актуелниот освојвач на СЕХА и лигата на шпампионите, како и владател на уште два трофеи од минатата сезона, екипата на РК Вардар денес ја стартува новата сезона во рамките на СЕХА натпреварувањето. Со почеток од 17:45 часот црвено-црните во рамките на првото коло гостуваат на Металург, натпревар кој ќе се одигра во С.Ц. Јане Сандански. Двете екипи добро се познаваат и нема скриени адути помеѓу тренерите Раул Гонзалес и Лино Червар. Што се однесува до составите во новата сезона, многу повеќе промени имаше кај Металург отколку кај Вардар. Црвено-црните единствено ги напушти само Алекс Душебаев кој замина во Киелце, а на негово место дојде Даинис Кристопанс од Брест Мешков. Во тимот се вклучени уште и Тоше Ончев, Мартин Поповски и Даниел Ѓорѓески од екипата на Вардар Јуниор.
Што се однесува до тимот на Металург, екипата од Автокоманда ја напуштија левото крило Мартин Марчец и бековите Амин Јусуфинеџад, Немања Младеновиќ, Горан Печенковски, Предраг Вејин и Немања Обрадовиќ. Од интернационалците и во наредната сезона дресот на Металург ќе го носат голманот Дарко Арсиќ, крилата Вања Илиќ и Александар Гуглета. Нови имиња во тимот на Червар се младите леви бекови, Словенецот Јануш Лапајне (22) и Црногорецот Божо Анџелиќ (25), Србинот Лука Стојановиќ (19) и десното крило Хрватот Анте Токиќ (24), а се очекува ангажирање и квалитетен десен бек.
Кон првиот тим на Металург во новата сезона се приклучија и четворицата млади репрезентативци од Металург 2, Мице Шилегов (десно крило), Марио Танкоски (лев бек), Димитар Димитриоски (централен бек и лево крило) и Милан Лазаревски (пикер). Повратници во тимот од Автокоманда се голманот Никола Данаиловски, кој беше позајмен во Пелистер, и Дарко Димитриевски од Борец.
Вардар подготовките ги одработи во Крањска Гора, додека Металург се подготвуваше во Маврово. Вардар настапи на силен турнир во Германија на кој го освои третото место, додека на истата позиција се пласираше и Металург, но на домашниот турнир во Струга. Се надеваме дека ќе гледаме интересен натпревар, на кој присуство најави и навивачката група на Вардар, популарните и најдобрите Комити.