Поради пандемијата со корона вирусот, се уште не е познато кога ќе се одигра завршниот турнир во СЕХА-лигата. Брест Мешков и ППД Загреб се првите две екипи кои обезбедија учество на Ф4 турнирот, додека Вардар и Веспрем треба да ги одиграат реванш дуелите против екипите на Нексе и Војводина и да го потврдат пласманот на завршниот турнир во Задар.
Според изјавите на челните луѓе на ова натпреварување, можно е Ф4 турнирот во Задар да се одржи на средината, или на крајот на месецот август. Постои опција да се игра и на крајот од септември. Не е исклучена можноста, Вардар, Веспрем, Војводина и Нексе, своите реванш дуели од 1/4 финалето да ги одиграат во една сала.
Можниот датум за Ф4 турнирот во СЕХА, ќе зависи и од календарот во Европските натпреварувања, кој дополнително треба да биде објавен од страна на ЕХФ.