Утре, Вардар се враќа на настапите во Лигата на Шампионите. После пауза од еден месец, тимот на Алушовски ќе одигра натпревар. Во С.Ц. Јане Сандански гостува екипата на Фленсбург, во рамките на 4.коло од ЛШ. Противникот се наоѓа во добра форма, со оглед дека на три натпревари во бундес-лигата забележа исто толку победи, додека црвено-црните играа само контролни натпревари, оние против Бутел и Металург кои ги добија во своја корист.
Во пресрет на утрешниот натпревар, своите очекувања ги сподели Гоце Георгиевски, кој летово како ново засилување стигна во редовите на Европскиот Шампион.
-Во Скопје ни доаѓа Фленсбург, кој е добро познат противник, во добра форма, сите гледаат како игра оваа сезона. Тие имаат многу натпревари, се наоѓаат во добра серија. Нам ќе ни биде потешко од таа гледна точка затоа што месец дена немаме натпревар. Ни останува она што се подготвуваме да го преточиме на терен и да го направиме она што сме го направиле во тренинзите. Мислам дека Флензбург е една екипа која е незгодна во транзиција, нападот им е многу добар и брз. Тешко е, месец дена немаме натпревар и сега не знаеме каде сме. Не знаеме точно до каде ни е формата, овој меч тоа ќе ни го покаже. Очекувањата секако се поволен резултат, затоа што играме на домашен терен, истакна Георгиевски.
Натпреварот во четврток ќе стартува од 20:45 часот со директен пренос на МРТ и Арена Спорт 2.